Домашна помошничка во Монтебелуна на северот на Италија фрлила стар душек полн со накит и пари во вредност од околу 50.000 евра, пишува весникот Tribuna di Treviso.
Сметајќи дека дотраениот душек е парче гломазен отпад, го извадила од гаражата на сопственичката, постара жена, и го однела на градската депонија. Премногу вредната домашна помошничка не знаела дека сопственичката го користела душекот за скришно чување пари, накит и кредитни картички.
По неколку часа, повозрасната жена забележала дека душекот повеќе не е на своето место, па нејзината ќерка веднаш стапила во контакт со полицијата, која заедно со локалните општински службеници отишла на депонијата.
Отпрвин потрагата се покажала неуспешна, а потоа еден час подоцна во контејнерот бил пронајден душекот, а неговата скапа содржина била недопрена.