Руте и Фон дер Лајен: Руската војна е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа

Руската агресивна војна е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа, а помошта на севернокорејските сили за Русија претставува голема ескалација на војната против Украина, заклучија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Агресивната војна на Русија на европско тло е единствената најголема закана за мирот и безбедноста на европскиот континент“, се вели во заедничката изјава по првата средба во Брисел меѓу Фон дер Лајен и Руте, кој неодамна ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО.

И двајцата се согласуваат дека „распоредувањето на севернокорејските трупи за поддршка на руската агресивна војна претставува значајна ескалација на војната против Украина, како и сериозна закана за европската безбедност и глобалниот мир“.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

На нивната прва средба беше договорено формирање на работна група на високо ниво за зајакнување на постојната соработка меѓу ЕУ и НАТО.

Руте и фон дер Лајен, исто така, разговараа за зголемената самоувереност на авторитарните држави на светската сцена.

„Овие земји ги доведуваат во прашање нашите заеднички интереси, вредности и демократски принципи, користејќи повеќе средства – политички, економски, технолошки и воени“, истакнуваат Руте и Фон дер Лајен.

- Реклама -