Играчот од средниот ред на шпанската репрезентација и англискиот премиерлигаш Манчестер Сити, Родри и неговата сонародничка, играчката од средниот ред на Барселона, Аитана Бонмати, се добитници на „Златната топка“ за најдобри играчи во сезоната која ја доделува магазинот France Football и европската кровна асоцијација УЕФА на церемонијата одржана во парискиот „Theatre du Chatelet“.
Тоа беше 68-то издание на наградите „Златна топка“, кои заеднички ги организираат УЕФА и издавачката корпорација „Groupe Amaury“, сопстевеникот на спортските изданија France Football и L’Equipe. За жал, годинешната церемонија ја одбележа скандал, имено европскиот шампион Реал Мадрид ја бојкотираше манифестацијата бидејќи добитник не беше неговиот играч Винисиус Жуниор. Три награди доби „Кралскиот клуб“, но никој не ги презема на сцената.
Без разлика на бојкотот на Реал, Шпанците имаат причина за задоволство и двете главни награди отидоа за нивната земја.
Родри стана првиот шпански фудбалер кој го освоил трофејот во последните 64 години. Последен што го направи тоа беше Луис Суарез во 1960 година, а пред нив двапати славеше Алфредо ди Стефано. Андрес Иниеста беше блиску во 2010 година, завршувајќи втор зад соиграчо од Барселона, Лионел Меси, додека Раул беше втор зад Мајкл Овен во 2001 година.
Родри ја заслужи наградата поради тоа што ја предводеше селекцијаа на Шпанија до европската титула, а во Германија беше прогласен и за најдобар играч на првенството. Со Манчестер Сити ја освоив и Премиерлигата, Светското клупско првенство и Суперкупот на Европа.
„Ова е неверојатна ноќ за мене денеска. Сакам да им се заблагодарам на сите кои гласаа за мене, кои ми ја дадоа довербата, денеска е многу посебен ден не само за мене, туку и за моето семејство, мојата земја, мојата девојка. Фудбалот е колективен спорт, јас сум тука и благодарение на Сити, персоналот, соиграчите. Тоа е многу посебно за мене, без вас немаше да го постигнам. Благодарам на репрезентацијта, на Луис, што толку долго веруваше во мене. Тоа е победа и за шпанскиот фудбал. Денеска многу луѓе ми пишаа дека победи фудбалот“, изјави Шпанецот кој со помош на Дрогба и патерици се искачи на бината по операцијата на која беше подложен.
Шпанскиот фудбалер ма крајот славеше пред триото на Реал Мадрид. Винисиус беше втор, Белингем трет и Карвахал четврти.
Кај девојките титулата најдобра фудбалерка ја одбрани Бонмати, а пред неа две години по ред славеше сонародничката Алексија Путељас.
„Ова е награда која не може да се постигне сам, многу сум среќна што сум опкружена со играчи кои секој ден ме прават подобра. Благодарам на персоналот, клупските работници, без вас немаше да постигнеме толку голем успех, му благодарам на Лапорта и на целата клупска управа. Благодарим и на навивачите за ваквите убави моменти“, рече 26-годишната Каталонка која минатата сезона во дресот на Барса ги освои Лигата на шампионите и шампионатот, а со репрезентацијата Лигата на наците.
Трофејот на Јашин за најдобар голман му припадна на Аргентинецот Емилијано Мартинез, кој и минатата година беше најдобар. Голманот на Астон Вила славеше пред голманот на Шпанија и на Атлетик Билбао, Унаи Симон.
Англискиот напаѓач Хари Кејн и неговиот француски колега Килан Мбапе ја поделија наградата „Трофеј Герд Мулер“ за најдобар стрелец во претходната сезона. Двајцата во сезоната 2023/24. постигна по 52 гола.
Наградата за најдобар млад фудбалер, трофејот Копа, ја доби 17-годишното крило од шпанската репрезентација и Барселона, Ламине Јамал.
„Оваа награда е голем извор на гордост. Сакам да им ја посветам на мајка ми и баба ми, кои секогаш ме поддржуваа. Но и на мојата селекција и на моите тренери”, изјави младиот Шпанец.
Најдобар женски клуб е Барселона, додека во машка категорија таа награда му припадна на Реал Мадрид. За разлика од каталонскиот клуб чија награда ја прими претседателот Жоан Лапорта во друштво на играчи, од Реал не се појави никој.
Наградата Сократес за хуманитарна работа и учество во социјални проекти ја доби Шпанката Џенифер Хермосо за нејзината борба откако без нејзина согласност беше бакната од сега веќе поранешниот претседател на Шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес по триумфот на шпанските фудбалерки на Светско првенство 2023 година.
Годинава на програмата беа додадени две нови награди – за најдобар тренер е избран италијанскиот стратег на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, додека најдобра тренерка е Англичанката Ема Хејс, од американска селекција и тренер на Челзи.
Како Реал дозна дека Винисиус Жуниор остана со празни раце
Треба да се истакне дека актуелниот европски шампион Реал Мадрид ја бојкотираше церемонијата, разочаран од одлуката Винисиус Жуниор да не биде лауреат. Останува нејасно како во Реал дознале за поделбата на најблескавата награда на вечерта.
Авионот кој го резервирал Реал Мадрид требаше да полета од аеродромот „Адолфо Суарез де Барахас“ во 15 часот во понеделникот, но „Кралскиот клуб“ го откажа полетувањето на делегацијата која вклучивала 50 луѓе. Причината беше гневот и огорченост, бидејќи Бразилецот Винисиус Жуниор не ја доби наградата.
„Ниту еден играч или клуб не знаеше во понеделник попладне кој го освоил трофејот. Сите клубови и играчи се на истиот брод и затоа Реал не може да знае дали некој од неговите играчи ќе ја добие наградата или не“, изјавија организаторите за AFP.
Се огласи и Луис де ла Фуенте, селекторот на шпанската фудбалска репрезентација.
„Не е добро за фудбалот што клубови како Реал Мадрид не се присутни на гала вечерта од ваква големина“, изјави Де ла Фуенте.
Во изборот учествуваа 100 новинари од 100-те најдобро рангирани нации според ФИФА, а претходно редакциите на L’Equipe и France Football избраа 30 номинирани. Оваа сезона се оценуваше индивидуалниот настап, колективниот настап и фер-плејот, а се гледаше сезоната, а не календарската година. Секој новинар требаше да избере десет играчи, најдобриот добиваше 15 поени, второпласираниот 12, третиот 10 поени…и последниот еден поен.
Златната топка се доделува од 1956 година, а прв добитник е Англичанецот Стенли Метјуз.
Оваа година изборот за „Златната топка“ го организираа заеднички УЕФА и издавачот „Groupe Amaury“, сопственик на изданието France Football и L’Equipe. Како дел од договорот, „Groupe Amaury“ останува сопственик на брендот „Ballon d’Or“ и ќе продолжи да го надгледува системот на гласање, кој ќе остане непроменет и независен. УЕФА ќе придонесе со својата фудбалска експертиза, ќе ги пласира глобалните комерцијални права и ќе ја организира годишната гала вечер на доделување на наградите.