Кузеска му одговори на Шилегов: СДСМ е најдемократска партија во државата, лидерот беше избран на легитимни внатрепартиски избори

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција ги коментираше објавите на Петре Шилегов во кои жестоко ја критикуваше партијата, односно нејзиното актуелно и досегашно лидерство.

СДСМ имаше легитимни внатрепартиски избори на кои го избра новиот лидер во постапка во која учествуваа дури четворица кандидати, му порача Кузеска на Шилегов во однос на обвинувањата дека двајцата лидери на СДСМ биле „октроирани“.

„СДСМ е најдемократска партија во државата која единствена го бира својот претседател на демократски и непосредни избори. Оттаму легитимитетот на претседателот на СДСМ не може да се оспорува. Немаме намера да навлегуваме во лични напади, и остануваме посветени на демократските принципи кои ги почитуваат различните ставови, но во рамките на цивилизиран дијалог“, додаде портпаролката на СДСМ.

- Реклама -