Фудбалерите на Рома го победија киевски Динамо со 1:0 во натпреварот од 3.коло во Лига Европа, забележувајќи ја првата победа сезонава во ова континентално натпреварување. Решавачкиот гол го постигна Украинецот Артем Довбик од пенал во 23. минута од натпреварот, откако најстрогата казна ја скриви Тарас Михавко кој го собори Томасо Балданзи. За Рома ова беше прва победа по ремито против Атлетик Билбао и поразот од Елфсборг. Од друга страна, киевскиот тим го забележа третиот пораз.
Ајакс го победи Карабаг со 3:0 на гостувањето во Баку, со што барем привремено го презеде врвот на табелата. Еден од клучните моменти на натпреварот се случи во 15. минута кога домашниот играч за врска Ромао заработи црвен картон. Ајакс поведе во 36. минута со голот на Кенет Тејлор на асистенција на Воут Вегхорст. „Копјаниците“ дојдоа на чекор до победата во 74. минута кога Вегхорст реализираше пенал, а сите сомнежи околу прашањето на победникот беа отстранети три минути подоцна кога Чуба Акпом погоди за 3:0. Во 80. минута домашните останаа и без исклучениот Елвин Чафаркуливи, кому му бра покажани два жолти картона.
И Реал Сосиедад освои гостински три бода победувајќи го Макаби Тел Авив со 2:1 во Белград. Јон Пачеко (19) и Серхио Гомез (64) погодија за баскискиот тим, додека Дор Тургеман (82) го ублажи поразот на домашните. Сосиедад по три кола има четири бода, а Карабаг сѐ уште е на нула.
Ајнтрахт дури во вториот дел го разби летонскиот РФС победувајќи со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Уго Ларсон (79). Германскиот тим има седум, а РФС само еден бод.
ПАОК во Солун губеше од Виторија Плзен со 0:2, но успеа да освои бод играјќи 2:2. Милан Хавел ги доведе гостите во водство во 31. минута, а осум минути подоцна Матеј Видра го постигна вториот гол за чешката екипа. Тарик Тисудали го намали резултатот во 84. минута, а израмни Абдул Рахман во третата минута од судиското надополнување.
Митјиланд го совлада Ројал Унион СГ со 1:0, а стрелец беше Усмане Диао во 18 минута.