Шефот на корпусот на Исламската револуционерна гарда Хосеин Салами, предупреди дека напредниот американски систем за противракетна одбрана неодамна стациониран во Израел нема да може да спречи идни напади од Техеран, пренесе Тајмс оф Израел.
– Како што противракетните системи „Стрела“ не работеа за време на операцијата „Вистинско ветување 2“, така и системите THAAD нема да работат. Не потпирајте се на THAAD, тие имаат ограничени можности, рече Салами, цитиран од агенциите.
Иран го нарече својот балистички ракетен напад на 1 октомври врз Израел „Операција Вистинско ветување 2“, по нападот во април што го нарече „Операција Вистинско ветување 1“.
Израелските одбранбени сили соопштија дека пресретнале „голем број“ од околу 181 ракета лансирана од Иран на 1 октомври и 99 отсто од над 300 проектили, кои опфаќаат 170 беспилотни летала, 30 крстаречки ракети и 120 балистички проектили, истрелани од Техеран на 13-14 април.
THAAD, или терминалниот одбранбен систем на висока надморска височина (Тerminal High Altitude Area Defense system), е критичен дел од слоевитите системи за воздушна одбрана на американската војска и дополнување на силната противракетна одбрана на Израел.
– Не можете да победите во овој конфликт, ние ќе ве уништиме, се закани Салами.