Кире Лазаров прослави илјада голови за Македонија

Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров на мечот против Португалија во Еспињо стигна до фантастично остварување – илјада постигнати голови во националниот дрес.

„Бум-бум“ Кире и покрај неочекуваниот и шокантен пораз постигна девет гола на квалификацискиот натпревар против Португалците, со што, според информациите на неговата официјална веб страница, оствари бројка од 1.002 погодоци за ракометната репрезентација на Македонија.

Седмиот гол што го постигна на овој меч, кој беше реализација од седум метри, за Кире Лазаров значеше и достигнуваше на „илјадарката“. Секако, капитенот на нашиот национален тим ќе беше многу порадосен ако ова големо лично остварување во дресот на македонската ракометна репрезентација беше зачинето и со триумф над Португалија.

Така, Кире Лазаров влезе во друштво на најголемите ракометни стрелци во историјата, кои за своите репрезентации постигнале преку илјада голови.

Тука се Олафур Стефансон од Исланд (1.511 гола), Жером Фернандез од Франција (1.284 гола), Штефан Ловгрен од Шведска (1.138 гола). Зад него се легенди како Џексон Ричардсон – Франција (775 гола), Талант Душебаев – поранешен СССР и Русија (726 гола).

- Реклама -