
Со спектакуларното театарско шоу на актерката Надица Петрова во Охрид, започна прославата на шестгодишното постоење на независниот театар „Златен Елец“. Овој театар планира да приреди неколку претстави за исполнета публика до крајот на февруари. На 23 февруари, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одигра најновата претстава „Сина сенка“, режирана од Тамара Стојаноска, во која учествуваат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Музиката е композирана од Мајкл Хукер и Лука Тошев.
На 27 февруари, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, на репертоарот ќе се прикаже спектаклот „Добри луѓе“ според Данкан Мекмилан, исто така во режија на Тамара Стојаноска. Во оваа дуодрама, главните улоги ги играат Тијана Трајчевска и Филип Христовски, а продукцијата е на актерот Бобан Алексоски, еден од основачите на театарот.
На 28 февруари, пак, во МКЦ Скопје, ќе се одигра и „Хинкеман“ од Ернст Толер, повторно во режија на Тамара Стојаноска. Во оваа претстава играат: Бобан Алексоски, Филип Христовски, Надица Петрова, Талија Настова, Ане Блажовски, Бранко Михајлоски и Леонида Гулевска. Музиката за оваа изведба е на Лука Тошев. Сите претстави започнуваат во 20:00 часот. На 1 март, по подолг период, повторно на репертоарот ќе биде претставата за деца „Чудесниот напиток“, која ќе се одржи во „Јавна соба“ во Скопје со почеток во 18:00 часот.
Токму овој февруари 2026 година, „Златен Елец“ го одбележува својот шести роденден. Театарот започна со работа во 2020 година и досега има постигнато значајни резултати. Претставите „Не ми го чепкај пивото“, три монодрами, како и „Добри луѓе“, „Хинкеман“ и многу други, се дел од богатата продукција. Особено е забележителна „Кенди“, која стана најнаградувана претстава, изведена од Бобан Алексоски.
– Наградите и успехот на нашите претстави нè мотивираат да продолжиме со работа и иновации. Оваа година планираме премиери на претставите „Теорема“ според Пјер Паоло Пазолини, во режија на Мирко Радоњиќ, како и „Свињи“ од Томислав Зајец, повторно во режија на Тамара Стојаноска. Имаме и нови активности и продукции на ум – велат од „Златен Елец“, кои годинава ќе ја напишат македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 март.
Тие се избрани од Интернационалниот театарски институт во Македонија.



