Завршни подготовки на Народниот театар-Битола за јубилејот 80 години постоење


Националната установа Народен театар-Битола со повеќе програмски активности ќе го одбележи големиот јубилеј, 80 години од формирањето.

Како што е познато театарот во Битола почна со работа на 14 ноември 1944 година кога е изведена едночинката „Ѓоре Магаревски“ од Владо Малески во режија на Димче Стефановски, првата театарска претстава на современ македонски јазик.

-Работиме 24/7 достојно да се одбележи роденденот на овој гигант. Заклучивме сите дека сите сме важни, но има нешто кое е над сите нас, а тоа се вика Народен театар Битола.Тековно работиме на монографија, ќе промовираме трајна поставка каде ќе бидат изложени сите награди и признанија на театарот за да може публиката да види за каков театар станува збор. Според новиот регистар имаме околу 167 плакети, награди и признанија. Работиме на еден голем проект Дигитализација на репертоарот, а до крајот на годината имаме уште 4 премиери, гостувања на три театри како роденденски подарок на нашиот театар, изјави Васко Мавровски, директор на Народен театар-Битола.

На сцената во Битола ќе гостуваат Драмски театар чии актери ќе ја изведат претставата „Мојот маж“, театарот од Велес ќе гостува со „Вечера за глупаци“, а МНТ ќе се претстават со „Бели ноќи“.

Од НУ Народен театар-Битола најавуваат изложба на плакат чиј автор е пензионираниот тон мајстор, фотограф и музичар Христо Бојаџиев и изложба на фотографии чиј автор е Атанас Нашоку Саку.

- Реклама -