Лига на шампионите: Пресврт на Реал против Борусија, Штутгарт го сруши Јуве, ПСЖ и ПСВ нерешено


Во дербито на вечерта на фудбалската Лига на шампиони, кое воедно беше реприза на последното финале во Лигата на шампионите, Реал Мадрид во фантастичен дуел ја победи Борусија Дортмунд со 5:2, иако на полувремето гостите водеа со 2:0.

Реал Мадрид и Борусија Дортмунд се сретнаа на „Вембли“ во финалето на Лигата на шампионите на почетокот на јуни. „Кралскиот клуб“ славеше со 2:0 освојувајќи ја својата 15-та европска титула. И овојпат победи Реал, иако гостите водеа со 2:0 со головите на Доњел Мален во 30. и Џејми Гитенс во 34. минута. Сепак, шпанскиот гигант подоцна го сврте резултатот со головите на Антонио Рудигер (60), хет-трикот на Винисиус Јуниор (62, 86, 90+3) и Лукас Васкез (83).

Реал подобро го отвори натпреварот, но гостите поведоа во 30. минута. Серху Гираси одлично се снајде поттурнувајќи ја топката до Дониел Мален кој излезе сам пред Тибо Куртоа и погоди за 1:0. Само четири минути подоцна Борусија постигна втор гол. Овојпат Мален беше асистент по додавањето по крилната страна, а Гитенс на втората статива погоди покрај „заспаната“ одбрана на Реал за 2:0.

Реал можеше да намали во 36. минута, но за само 15 секунди „Кралскиот клуб“ двапати ја погоди рамката од голот. Прво Родриго брилијантно ја прими топката во шеснаесетникот и шутираше, но само ја погоди пречката. Топката се одби до Џуд Белингем кој повторно шутираше погодувајќи повторно во рамката од противничкиот гол.

Во продолжението на средбата започна рапсодијата на Реал. Европскиот првак го намали резултатот во 60. минута, Килијан Мбапе нафрли, а Антонио Рудигер со глава погоди за 1:2. Реал израмни само две минути подоцна. Лука Модриќ го проигра Мбапе, гостите ја избија топката од пред него, но таа стигна до Винисиус кој погоди за 2:2. Судиите покажаа дека погодокот е постигнат од недозволена позиција, но ВАР-проверката покажа дека целата акција била регуларна.

Комплетниот пресврт дојде во 83. минута, Брант реагираше лошо во одбраната, топката дојде до Васкез, кој со силен удар погоди за 3:2. Сите сомнежи околу прашањето на победникот Реал ги реши во 88. минута со вториот гол на Винисиус. Тоа беше неверојатен гол на бразилскиот напаѓач кој ја освои топката на околу 20 метри од сопствениот гол крај аут-линијата, потоа спринтираше повеќе од 60 метри и потоа погоди од работ на шеснаесетникот за 4:2. Винисиус го заокружи одличното издание со хет-трик во судиското надополнување за втората победа на Реал и прв пораз на Борусија сезонава.

Астон Вила ја совлада Болоња со 2:0 во Бирмингем и ја оствари третата победа. Домашните поведоа во 55. минута, Џон Мекгин нафрли од слободен удар, никој не ја допре топката и таа заврши во мрежата. Конечните 2?0 ги постави Џон Дуран во 64. минута. За гостите од 67. минута играше Никола Моро, а не настапи Мартин Ерлиќ.

До три бода дојде и Арсенал со победата над Шахтјор со 1:0. Единствениот гол беше постигнат во 29. минута. Габриел Мартинели шутираше, топката ја погоди стативата и заврши во голот од грбот на несреќниот Дмитриј Ризник. Арсенал можеше да ја обезбеди победата во 77. минута, но Леандро Тросар не го реализираше пеналот, Ризник се докажа со важна одбрана.

ПСЖ не успеа целосно да ја разбие одбраната на ПСВ Ајндховен и средбата на парискиот „Парк на принцовите“ заврши 1:1. Првата голема шанса домаќините ја имаа во 22. минута. Фабијан Руиз одлично нафрли пред голот, гостинската одбрана „заспа“ оставајќи го Дембеле сам, но неговиот удар заврши во рамката од голот. Холанѓаните поведоа во 34. минута. Невес ја загуби топката на средината на теренот, по што Ноа Ланг извлече контранапад, а потоа извонредно погоди од работ на шеснаесетникот. Францускиот шампион успеа да израмни во 55. минута со голот на Ахраф Хакими кој шутираше од 20 метри, а топката низ нозете на холандскиот голман влезе во мрежата.

Жирона ја совлада Слован Братислава со 2:0 и ја оствари првата победа во Лигата на шампионите. Во 42. минута Арно Данжума одлично проигра по левото крило, ја врати топката назад до Мигел Гутиерез, кој прекрасно погоди за 1:0. Првата победа Шпанците ја потврдија во 73. минута со одличниот гол на Хуанпе од слободен удар во 73. минута. Жирона имаше удар од белата точка во 88. минута, но Доминик Такач го одбрани ударот на Кристијан Стуани.

Спортинг го победи Штурм со 2:0 на гостувањето во Австрија. Португалците поведоа во 23. минута, Катамо се проби по десната страна, нафрли пред голот до Нуна Сантос која шутираше, а домашниот голман Кјел Шерпен несмасно ја затресе сопствената мрежа. Спортинг дојде на чекор до победата во 53. минута откако Виктор Ѓокерес погоди за 2:0. Шведскиот напаѓач се проби по левото крило, влезе во шеснаесетникот, ја измами домашната одбрана и голманот и погоди за 2:0.

Штутгарт во Торино го победи Јувентус со 1:0, а италијанскиот гигант може да биде среќен што прими само еден гол. Германскиот тим беше одличен, гостите упатија 22 удари, еден погодок им беше поништен, не успеаја да реализираат пенал, а погодија и во рамката од голот. Сепак, во судиското надополнување, Ел Билал Туре постигна гол за победа. Домашниот голман Матија Перин бранеше фантастично, но ниту тој не можеше да го спаси торинскиот клуб од пораз. Во 84. минута Јуве остана со играч помалку по исклучувањето на Данило, а гостите добија пенал. Енцо Мило шутираше, но фантастичниот Перин одбрани.

Во раните вечерни натпревари во вторникот, фудбалерите на Милан ја постигнаа првата победа сезонава во ова елитно натпреварување, совладувајќи го Клуб Бриж со 3:1 на својот стадион. Откако двете екипи пропуштија неколку добри шанси, првиот гол беше постигнат во 34. минута. Стрелец беше Кристијан Пулишик, директно од корнер. Само шест минути подоцна гостите претрпеа нов удар. Останаа со играч помалку по груб фаул на Нигериецот Ониедика.

И покрај десетмина на теренот, белгискиот клуб израмни на почетокот од вториот дел. По една убава акција, Сабе во 51. минута прецизно ја упати кон противничката мрежа за 1:1. Сепак, не требаше долго да се чека на одговорот на Милан, а клучен човек во тие моменти беше Холанѓанецот Тијани Рајндерс, кој постигна два гола. Погоди во 61. и 71. минута за 3:1.

На крајот Франческо Камарда постигна гол за 4:1, но по проверка голот беше поништен поради офсајд позиција. Така, Камарда со 16 години и 226 дена, не стана најмладиот стрелец во историјата на Лигата на шампионите. Ламине Јамал остана рекордер во овој поглед.

Втората победа во Лигата на шампионите ја оствари Монако кој на својот стадион ја победи Црвена ѕвезда со 5:1. Тоа беше трет пораз во третиот настап за белградскиот тим. Монако поведе во 20. минута, стрелец беше Минамино по одличната асистенција на Синг, која ја исфрли од игра целата противничка одбрана. Гостите од Белград израмнија во 27. минута кога Ндијаје погоди од пенал.

Тоа малку значеше за Црвена ѕвезда, бидејќи вистинскиот налет на Монако допрва требаше да следи. Во судиското надополнување на првиот дел, Емболо погоди за 2:1, а потоа стрелци беа Синго во 54. минута и Минамино повторно во 70. минута за 4-1. Се` заврши Аклиуч со гол во 96. минута за конечни 5:1.

- Реклама -