Најдобриот играч на Светското првенство во 2010 година, поранешниот уругвајски напаѓач Диего Форлан, следниот месец ќе игра на професионален тениски турнир во родното Монтевидео, објавија организаторите.
Сега 45-годишниот Форлан, кој ја заврши фудбалската кариера во 2018 година, од неодамна активно се занимава со тенис и има настапувано на неколку турнири за ветерани, но во ноември ќе игра на АТП „челинџерот“ во конкуренција на двојки, а партнер ќе му биде Аргентинецот Федерико Корија, моментално 101-от играч во светот.
Форлан и Корија добија покана од организаторите за турнирот кој од 11-ти до 17-ти ноември ќе се одржи во главниот град на Уругвај.
Во текот на својата фудбалска кариера, Форлан забележа 112 настапи и постигна 36 гола за репрезентацијата на Уругвај, со која го освои јужноамериканскиот шампионат во 2011 година, а ги носеше и дресовите на европските гиганти Манчестер Јунајтед, Атлетико Мадрид и Интер.