Таравари: Оптимист сум дека многу скоро ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, не е добро за ВРЕДИ да оди на локални избори со блокирани евроинтеграции

Јас сум меѓу ретките оптимисти во државата и продолжувам да мислам дека многу скоро ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, рече вечерва министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари.

Како што истакна Таравари во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, неопходно е прифатливо решение, а земјава мора да добие гаранција дека нема да биде повторно условувана. Според него, не е лоша идејата на премиерот Мицкоски, уставните измени да се изгласаат, но да стапат во сила кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во ЕУ.

За „Вреди“, напомена Таравари, воопшто не е добро да оди на локални избори со блокирани евроинтеграции.

-Не е добро што се одделивме со Албанија, но добро е што тие го почнаа процесот. Не мора Албанија да остане со нас, иако јас мислам дека пречката за Албанија беше вештачка. Премиерот Рама беше многу коректен, дека Македонија заслужува да ги почне преговорите. Мислам дека не е купување време, се бара моментум, се бара и некаква гаранција за државата и да ги почнеме преговорите. Се надевам дека со Албанија паралелно ќе течат преговорите, многу сум оптимист во ова и се уште мислам дека сите држави на Западен Балкан истовремено ќе се зачленат во ЕУ, истакна Таравари.

Тој верува дека ќе се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за земјава, но неспорно е, како што рече, дека ќе мора да ги направиме уставните измени за да ги почнеме преговорите.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

-Сепак, истовремено, ќе ни треба гаранција дека нема повторно да се бара нешто од нас, дека повторно ќе бидеме условувани. Свесни сме дека рамката со Бугарија не се менува и дека на Македонија ќе и требаат уставни измени, но ни треба и некаква гаранција, барем од центрите со влијание во светот, дека нема повторно да се бара нешто од нас. Ако продолжиме вака, различни држави може да поставуваат различни условувања, дециден е Таравари според кој, се се комплицира зашто во Бугарија нема стабилна влада.

На прашањето дали премиерот Мицкоски му кажал на што го темели оптимизмот за пристапниот процес на земјава во ЕУ откако се врати од самитот во рамки на Берлинскиот процес, Тараври одговори дека не разговарале дикректно.

-Она што ме радува е дека тој е европски ориентиран и сака Македонија да ги почне преговорите што поскоро, меѓутоа, секако, како премиер бара некакви гаранции да немаме и други пречки. Ни се случува како држава од 2018 година да ни се ветува дека ги почнуваме преговорите, да направиме одредени попуштања и пак да не ги почнеме, истакна Таравари.

- Реклама -