Камерниот ансамбл ПИЈАНОФОРТЕ настапи во Љубљана и Словењ Градец на концерт насловен како ЕВРОПСКИ МУЗИЧКИ ДИВЕРЗИТЕТ


Концертната дејност на македонските музички уметници од ПИЈАНОФОРТЕ е сè поактивна на полето на меѓународната соработка. Колаборативните концерти на ансамблот ПИЈАНОФОРТЕ во проширен состав со музичари од Р. Совенија се реализираа на  8. и 9. октомври 2024 во Љубљана и Словењ Градец.
Ансамблот пред публиката во Словенија презентираше македонско современо, но и музичко творештво од светското музичко наследство на XX и XXI век . Диверзитетот беше искажан преку програмата која содржеше композитори од различни епохи и културни средини: Клод Дебиси (Франција), Бете Илин (Македонија), Дмитриј Шостакович (Русија),  Густав Малер (Австрија), Астор Пијацола (Аргентина) и Фазил Сај (Турција) . Ова се композитори активисти и претставници на прогресивните сили во општеството и новитетите во музиката. Секој во своето актуелно време на живеење ги поставува новите музички трендови, задржувајќи ги високите естетски норми. Тие пишуваат музика која произлегува од потребите на народот.

За бис беа изведени и аранжманите на популарната словенечка песна „Земјата танцува“ од Мојмир ,,Мојзес” Сепе и македонското народно „Касапско оро” во аранжман на Клемен Хвала.
Концертите беа објавени во официјалниот календар на активности на салите – Концертната сала на Валдорфската музичка школа во Љубљана и салата Хуго Волф во Словењ Градец.

Исполнетите сали внесоа уште поголема инспирација при изведбата на овие емотивни композиции. Изведбата донесе висок сензибилитет за емоциите проткаени во секое дело од репертоарот, а публиката со воодушевување ја прими пораката на концертот. Дел од слушателите останаа да поразговараат со нашите музичари споделувајќи ги импресиите од композициите кои ги слушнаа за прв пат.

Музичката соработка и разбирање помеѓу членовите на ансамблот е суштински важна при камерното музицирање. На концертите на ПИЈАНОФОРТЕ – ЕВРОПСКИ МУЗИЧКИ ДИВЕРЗИТЕТ, нивната компактност и уиграност беше видлива.
Делата за пијано четирирачно прикажаа игра на емоции и беше вистинско уживање да се гледаат и слушаат дваесет прсти на пијаното како со леснотија пренесуваат врвна музика. Пиесата „Диво“ на македонската композиторка Бете Илин за прв пат се изведе вон границите на државата и претставуваше вистински хит меѓу пијанистите во публиката.
Во натамошниот дел од програмата следуваше камерна музика за пијано трио, квартет и квинтет. Секој од членовите на ансамблот придонесе кон длабоката слоевитост на интерпретацијата, благодарение на различните поединечни музички и животни искуства.

Сплотени во едно, музичарите од Македонија и Словенија Марина Чадо, Тереза Крцоска, Маја Бабник Равникар, Тања Бабник, Маја Кастратовиќ, Виолета Стефановска Шуковиќ и Иван Трајковски, на 8-9 октомври ги обединија двете земји. Концертот беше препознаен како проект од интерес за културата за 2024. Се гордееме со нашите музичари од камерниот ансамбл ПИЈАНОФОРТЕ, активни на полето на меѓународната соработка!

Се надеваме дека ќе имаме можност повторно да го проследиме концертот и пред нашата публика.

- Реклама -