Украинa изврши напад врз тренинг центар на руските трупи со ракета полна со касетни бомби

Украинската армија изврши напад со ракета со боева глава полна со касетни бомби врз тренинг-центар каде руските трупи спроведувале обука, објави денеска „Киев пост“.

Украинскиот весник исто така пренесува дека Јужното крило на украинските вооружени сили објавило снимка од воздушниот напад на официјалната страница на Фејсбук, но не прецизира точна локација.

Во извештајот се додава дека, според сите изгледи, во нападот биле користени американски ракети, и дека ова е најмалку шести случај во последните осум месеци кога руските војници се собирале на отворено во област која е во дострел на ракетите со кои располага Украина, и веднаш биле нападнати.

На снимката се гледаат околу 20 руски војници, а сè уште нема потврдени информации за бројот на загинати во нападот.

Повеќе Телеграм канали и медиуми, вклучувајќи го и „Форбс“, тврдат дека нападот бил извршен во дел од украинската област Запорожје кој е под контрола на руските трупи.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

„Форбс“ наведува дека нападот го извршила украинската 27-ма ракетна артилериска бригада и додава дека тоа е „единствената единица на украинската армија која користи американски ХИМАРС“.

„Киев пост“ цитира неименувани експерти кои тврдат дека тоа не е точно и дека ХИМАРС бил користен за напади од страна на барем уште една единица, а тоа е 59-та независна моторизирана пешадиска бригада „Јакив Ханџијук“.

На снимката се гледа како украински дрон ги снима руските војници додека испраќа координати до украинската воена единица која управува со системот ХИМАРС.

Потоа, ракетата М30/31, полна со касетни бомби, е лансирана директно кон целта, а снимката покажува разорни последици од повеќекратните експлозии, што укажува на значителни човечки загуби.

- Реклама -