Креативна дисхармонија – изложба што му овозможува на гледачот интимен пристап до уметноста

Во понеделник на 14 октомври во 20 часот, во мобилата галерија во Паркот на Франкофонијата ќе се отвори изложбата на Бранкица Јордановска, Ертунч Сали и Сања Симоска.

Креативна дисхармонија е изложба што ја отстранува завесата на мистеријата и му овозможува на гледачот интимен пристап до уметничкиот процес , тројца млади уметници кои иако имаат уникатни стилови и визии, споделуваат длабок восхит кон самиот процес на создавање на уметноста.

Колку навистина е запознаен гледачот со процесот на создавање уметност? Што се случува зад сцената, пред уметничкото дело да биде готово и прикажано на јавноста?

Овој настан им овозможува на посетителите не само да го набљудуваат крајниот резултат, туку и да го следат патувањето на создавањето. Гледачите ќе бидат сведоци на моментите на експериментирање, спонтаност, и изливи на емоции што се јавуваат во текот на работата. Преку оваа интеракција, Креативна дисхармонија не само што ги покажува техниките и алатките што уметниците ги користат, туку и ги разоткрива внатрешните борби, откритијата и моментите на одлука што го водат процесот на создавање.

Изложбата создава паралелно искуство на гледање – процесот на творење и финалното дело постојат истовремено во просторот, нудејќи една поширока слика за она што значи да се создава уметност. Уметниците, секој со својот уникатен пристап, ќе работат во своите импровизирани атељеа во галеријата, овозможувајќи директен увид во нивните креативни предизвици.

Креативната дисхармонија е прослава на уметноста како динамична, флуидна и непредвидлива пракса. Таа ја открива вистината дека финалниот продукт е само еден аспект од многу подлабок и побогат процес. Овој настан нуди ретка можност за публиката да ги види уметниците во нивниот “природен хабитат” и да ја доживее уметноста како нешто што постојано се менува, расте и преобликува.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и туризам на РМ.

Бранкица Јордановска (1990) е визуелен уметник, костимограф, илустратор и културен активист. Таа го завршила своето формално образование на Факултетот за ликовни уметности на отсекот за графика во Скопје, Р. Македонија.
Нејзините уметнички дела биле изложени на многу изложби и фестивали, како што се: Фестивалот „ Под земја полесно се дише “, Скопје, Македонија (2019-2022); „Домот“ е заеднички проект на Кула Колектив, куриран од феминистичкиот фестивал ПРВО ПА ЖЕНСКО, во Младинскиот културен центар – Галерија (2015); Land Art Interventions, Културен центар „Кула“, Скопје (2015); Дом на култура ,,Иван Мазов – Климе” Кавадарци; Центар за култура ,, Ацо Ѓорчев” Неготино; Ликовен Салон Велес ; ,,Групна изложба на графики” во Галерија 7 и многу други. Има реализирано две самостојни изложби „Маска или преобразба на изопаченото“, во галеријата на Младинскиот културен центар во 2021г и ,, Соочување” во Ликовен Салон Велес 2022г.
——–
Ертунч Сали, (1990). Својата високошколска едукација ја завршува на Факултет за Ликовни Уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, во 2013-та година како дипломиран Графички уметник и дизајнер. По завршувањето на своите студии, своето делување го продолжува во Скопје со отворање атеље во скопската Стара Чаршија, која понатака ќе биде собирна точка на ателињата на колективот „Кула“. Како еден од основачите на КЦ „Кула“, тој, има организирано повеќе разни културни настани, но и свои изложби. Во 2014-та година го организира првиот настан на КЦ „Кула“ кој што е воедно негова прва самостојна изложба. Во следните 3 години тој успева да биде дел од повеќе групни изложби и да организира 6 самостојни изложби. Во неговото скромно атеље во Скопје, тој, со голема љубопитност, продолжува да експериментира со користење на традиционални ликовни техники и да создава цртежи/слики/графики кои што ја будат интолеранцијата кај гледачот.
———
Сања Симоска (1992). Таа го завршила своето формално образование на факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек Графика и графички дизајн.
По дипломирањето, таа се фокусира на комбинирање на различни техники и материјали како што се колаж и илустрации. Нејзината работна пракса вклучува истражување на ликови во различни ситуации, соништа и ноќното небо, но таа не себограничува само на овие теми. Наместо тоа, таа ги изразува своите чувства преку
невообичаени и непропорционални мотиви и форми кои ја бараат нивната рамнотежа и мир во нехармонично постоење. Често експериментира со различни ликовни медиуми; во последните години учи за дигитални алатки за цртање илустрации и 2Д анимација.
Учествува на повеќе групни изложби и разни уметнички проекти со својата работа.
Сања е илустратор на две детски книги: „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“ (2020) од Билјана Црвенковска, и „Танцот на шарените шамичиња“ (2022) од Александар Прокопиев. Таа исто така е и член на локалниот Културен центар „Кула“ и член на организациониот одбор на годишниот фестивал „Под земја полесно се дише“.

Прочитајте и:  „Човек муза“ - едукативната изложба за можностите на вештачката интелигенција

- Реклама -