Со претставата „Боинг Боинг” , во изведба на Општинскиот театар од Ќустендил Бугарија, беше спуштена завесата на 16-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски”, кој традиционално се одржува во салата на НУ Центар за култура Крива Паланка.
Во 9-те фестивалски вечери бројната публика уживаше во театарските остварувања и настапите на исклучителни актерски екипи од земјава и од регионот. Имаше многу возбуда, многу смеа , аплаузи и овации, но и теми за размислување и свртување кон себеси.
Сублимирано, театарскиот фестивал ја остварува својата цел да биде балканска театарска сцена, но и да има редовна публика која секоја вечер ја полни салата и ужива во секоја тетатрска сцена.
Гостите од театарските куќи изразија големо задоволство од гостувањето на МТФ „Свети Јоаким Осоговски”, забележаа негов напредок и посакаа продолжување на соработката.
Само за потсетување, лауреат на овогодинешното театарско издание е актерот Никола Ристановски, а свечено беше промовирана и монографијата „Од театар до Балкан без граници” од Гоце Ристовски во која се вградени изминатите 15 театарски години.