Премиер лига: Победи на водечките екипи


Фудбалерите на Манчестер Сити го совладаа Фулам со 3:2 на својот „Етихад“ во седмото коло од англиската Премиер лига, а играч на натпреварот беше хрватскиот репрезентативец Матео Ковачиќ.

Ковачиќ постигна два гола, со што беше најзаслужен за новите три бода на актуелниот англиски шампион, кој со тоа повторно заостанува само бод зад водечкиот Ливерпул.

Фулам беше поопасен на почетокот од мечот, а ваквиот ритам на игра доведе до водство на гостите во 26. минута. Со петица фантастично асистираше Мексиканецот Хименез, додека Андреас Переира вешто ја погоди домашната мрежа. На Манчестер Сити не му требаше многу време да се врати во игра. Шест минути подоцна, по изведен корнер топката се одби на 12 метри од гостинскиот гол. На неа натрча Ковачиќ и ја смести под пречката за 1:1.

Уште подобар гол постигна Ковачиќ на стартот од вториот дел. Во 47. минута Фоден нафрли, Бернардо Силва убаво ја спушто со гради и го вработи Ковачиќ, кој од врвот на шеснаесетникот погоди прецизно за 2:1 и за негов трет првенствен гол сезонава. Голема шанса за 2:2 пропушти Фулам во 68. минута, поточно Траоре кој беше сам пред Едерсон, но не успеа да го измами. На другата страна во 82. минута дуелот беше завршен, а голот за 3:1 го постигна белгискиот фудбалер Доку. Во 88. Муниз намали на 2:3, но до крајот Фулам немаше реални шанси да израмни и да украде бод од „Етихад’.

Арсенал има ист број бодови како Манчестер Сити, кој оваа сабота на домашен терен го совлада Саутемптон со 3:1. Сите голови беа постигнати во вториот дел.

Арсенал доминираше во текот на целото прво полувреме, но и покрај дури 14-те шута, домашните фудбалери само еднаш шутираа во рамките на голот. Саутемптон на паузата замина без да прими гол, а потоа го казни домаќинот на почетокот на вториот дел. Арчер во 55. минута погоди за 1:0 за гостите кои само три минути уживаа во водство. Прво Хаверц погоди за 1:1, додека Арсенал го сврте резултатот во 68. минута кога Габриел Мартинели погоди за 2:1. Сака го затвори натпреварот со гол за 3:1 во 88. минута.

Вест Хем на домашен терен го совлада Ипсвич Таун со 4:1. Воведните два гола беа постигнати во почетните шест минути. Домашните поведоа во втората минута со голот на Колинс, додека Делап израмни во шестата. Тогаш Вест Хем со два гола го разби новиот прволигаш на крајот на првото и на почетокот на вториот дел. Стрелци беа Кудус и Бовен. Лукас Паке го постигна последниот гол на натпреварот за 4:1.

Брентфорд победи со 5:3 против Вулверхемптон, во дуелот во кој беа постигнати шест гола во првото полувреме, а во кој последниот Вулверхемптон го забележа шестиот пораз.

Лестер славеше првпат во оваа поратничка сезона. Со минимални 1:0 беше подобар од Борнмаут благодарение на голот на Буонаноте во 16. минута.

Претхоно во првиот саботен дуел од седмото коло, фудбалерите на Ливерпул освоија три бода на гости со победата од 1:0 кај Кристал Палас. Со тоа Ливерпул го потврди првото место во рангирањето. Во првото полувреме Ливерпул целосно доминираше, а подобрата ига беше реализирана во деветтата минута кога Португалецот Диого Жота ја затресе домашната мрежа. Сите други шанси на Ливерпул во првите 45 минути останаа неискористени, а во вториот дел ситуацијата на теренот целосно се промени. Кристал Палас напаѓаше и се закануваше да израмни, но гостите предводени од голманот Алисон Бекер успеаја да ги одбијат сите напади и да спасат три бода.

Последните три натпревара од оваа рунда се закажани за в недела, а се среќаваат Астон Вила – Манчестер Јунајтед, Челзи – Нотингем Форест и Брајтон – Тотенхем.

- Реклама -