Евролига: Пресврт на Ѕвезда во Париз, победа на Ефес во Болоња


Кошаркарите на белградска Црвена ѕвезда по голем пресврт го победија Париз на гостински терен со резултат 80:77, во првото коло од Евролигата. Натпреварот беше исклучително интересен, тензичен и неизвесен, а двете екипи загубија голема предност – Ѕвезда во првото полувреме (осум поени), а Париз во вториот дел дури 13 поени.

На крајот од третиот дел „црвено-белите“ ја „стопија“ двоцифрената предност на домашните, а потоа малку „додадоа гас“ во четвртата делница и во драматичната завршница беа за нијанса подобри, а и среќата во неколку моменти беше на нивна страна.

Немања Недовиќ беше најефикасен во тимот на Ѕвезда со 21 поен, и со само еден нераелизиран седум шутеви за „тројка“, а Ајзеа Кенан постигна 14, вклучително и решавачките слободни фрлања на крајот. Солиен беше и Никола Калиниќ со девет поени, пет скока и три асистенции, додека Коди Милер-Мекинтајр впиша девет поени, шест скока и седум асистенции.

Кај Париз се истакна македонскиот репрезентативец ТиЏеј Шортс со 16 поени, четири асистенции и три скока, додека Маодо Ло имаше 12 поени, но само два во вториот дел. Двоцифрени беа и Кевариус Хејс и Надир Хефи со 10, односно 12 поени.

Во следното коло Црвена ѕвезда на домашен терен игра против Басконија, додека Париз во Милано гостува кај екипата на Олимпија.

Кошаркарите на Анадолу Ефес успешно ја започнаа новата сезона во Евролигата победувајќи го домашниот Виртус во Болоња со 76:67. Американците Даниел Отуру со 14 поени и девет скокови и Елајџа Брајант со 12 поени беа најдобри стрелци кај тимот од Истанбул, додека кај италијанскиот тим најдобри стрелци беа Французинот Исаја Кординие со 16 поени и Грузиецот Торнике Шенгелија со 12 поени.

Во петочната програма единствен како домаќин славеше Фенербахче кој во Истанбул беше подобар од грчки Олимпијакос со 82:71.

Евролига – 1. коло
Фенербахче – Олимпијакос 82:71
Париз – Црвена ѕвезда 77:80
Виртус Болоња – Анадолу Ефес 67:76

Одиграно во четврток:
Алба Берлин – Панатинаикос 77:87
Монако – Армани Милано 93:80
Жалгирис – Барселона 74:67
Басконија – Партизан 88:82
Баерн – Реал Мадрид 97:89
Макаби Тел Авив – АСВЕЛ 89:82

- Реклама -