Преглед Евролига: Партизан поразен кај Басконија, Реал во Минхен


Кошаркарите на белградски Партизан со многу изменета екипа во однос на минатата сезона, се поразени од Басконија во првото коло од Евролигата со 88:82.

Тајрик Џонс беше најефикасен кај Партизан и на мечот со 22 поени, Брендон Дејвис даде 20, капитенот Вања Маринковиќ 11, а Ифе Лундберг 10. Маркос Хауард беше најефикасен кај Басконија со 17 поени, поранешниот играч на Мега Тимоте Луваву-Кабаро постигна 15, Тадас Седекерскис 14, Чима Монеке 13, а Трент Форест 10.

По првата, многу изедначена четвртина, Партизан поведе со 17:16. Во втората четвртина Партизан ја презеде контролата и на полувреме замина со плус шест (38:32). Басконија се врати во третиот период, кој заврши со само еден поен предност за Партизан (60:59). Во средината на последната делница Басконија водеше со 75:72, а потоа и двете екипи по две минути не постигнаа кош. На две минути пред крајот беше 78:74 за домаќинот, кој потоа го скршија мечот и ја забележа првата победа сезонава.

Грешките на Партизан се покажаа решавачки за конечниот резултат. Иако грешки правеше и Басконија, но впечатокот е дека направените од гостинските играчи беа покардинални. Партизан во еден момент на крајот не успеа да ја извлече топката од аут по тајм-аутот, а исто така, кога требаше да се фати топката од дефанзивен скок, таа им испадна од рацете на кошаркарите на Партизан. Ова сурово го казни Басконија, поточно Лувава, кој погоди тројка со шут „преку рака“.

Кошаркарите на Баерн го совладаа Реал Мадрид со 97:89 со голем пресврт во последната четвртина на стартот од новата сезона во Евролигата, а „Кралевите“ настапија без еден од своите најобри играчи Марио Хезоња кој поради неодамнешно боледување не беше дел од шпанскиот тим.

На полувремето беше 52:51 за германскиот тим, но на почетокот на вториот дел Реал со серија од 13:0 дојде до двоцифрена предност (54:64). Шпанскиот тим влезе во последната четвртина со плус 9 (73:64), а Баерн тргна во серија 11:2 за израмнување (75:75) во 33. минута. Баварците во 37. минута тргнаа во нова серија од 11:0 за да стигнат до плус 11 (88:77). На 20 секунди до крајот, Шпанците дојдоа на само еден кош заостанување откако Факундо Кампацо ги погоди двете слободни фрлања, но Аргентинецот доби техничка грешка по промашената „тројка“ на осум секунди до крајот, а Владимир Лучиќ погоди пет слободни фрлања за конечни 97:89.

Кај победниците најдобар беше Шабаз Напиер со 25 поени, а Јоханес Војгтман искомбинира 19 поени и 10 скока. Кампацо постигна 19 поени и девет асистенции за Реал, додека Џанан Муса натпреварот го заврши со 18 поени.

Панатиникос ја започна одбраната на титулата со победа од 87:77 на гостувањето кај берлинска Алба. Американецот Кендрик Нан го предводеше тимот од Атина со 16 поени, додека францускиот репрезентативец Матијас Лесор постигна 14 поени со осум скока. Австралиецот Вилијам Мекдауел-Вајт беше најдобар стрелец на Алба со 13 поени.

Евролига – 1. коло
Алба Берлин – Панатинаикос 77:87
Монако – Армани Милано 93:80
Жалгирис – Барселона 74:67
Басконија – Партизан 88:82
Баерн – Реал Мадрид 97:89
Макаби Тел Авив – АСВЕЛ 89:82

Во петок:
Фенербахче – Олимпијакос (19.30)
Париз – Црвена ѕвезда (21.00 ч.)
Виртус Болоња – Анадолу Ефес (21.00 ч.)

- Реклама -