Докторот обвинет за смртта на Метју Пери се изјасни за виновен


Марк Чавез, еден од двајцата лекари обвинети дека се одговорни за смртта на актерот Метју Пери од предозирање со кетамин минатата година, се изјасни за виновен за незаконско дистрибуирање на лекот.

Чавез пред Окружниот суд на САД во Лос Анџелес се изјасни за виновен, пренесува Ројтерс.

Тој може да се соочи со казна затвор до 10 години по пресудата. Другиот лекар обвинет во овој случај, Салвадор Пласенсија, се изјасни за невин, како и Јасвин Санга, за која властите рекоа дека е позната како „кралица на кетаминот“ поради нелегално снабдување со лекот, наведува агенцијата.

Тие треба да одат на судење во март. Личниот асистент на Пери, Кенет Ивамаса, кој призна дека му вбризгал дрога на актерот и наводниот посредник Ерик Флеминг, кој рече дека набавил кетамин од Санга, веќе се изјаснија за виновни за обвиненијата.

Канцеларијата на американското правобранителство објави во август дека пет лица се обвинети во врска со смртта на актерот Метју Пери од предозирање со кетамин минатата година, вклучително и неговиот помошник и двајца лекари.

Обвинителот Мартин Естрада ги објави обвиненијата, велејќи дека лекарите му дале на Пери голема количина кетамин, а во пораките се прашувале „колку овој глупак е спремен да плати“.

„Овие обвинети ги искористија проблемите со зависноста на Метју Пери за да се збогатат. Тие знаеја дека тоа што го прават е погрешно“, рече обвинителот.

Обвинителот рече дека обвинетите размениле пораки кратко време по смртта на Пери, наведувајќи го кетаминот како причина за смртта и се обиделе да ја прикријат нивната вмешаност во снабдувањето на Пери со кетамин, анестетик кој понекогаш се користи за лекување на хронична болка и депресија.

Како што стои во обвинението, Пери набавувал наркотици од улични дилери, а преку Ивамаса стапил во контакт со обвинетиот Ерик Флеминг. Тој признал во полиција дека го набавил анестетикот од дилерот Џасвин Санга и дека му дал на Ивамаса 50 ампули, од кои половина четири дена пред смртта на Пери. Полицискиот оддел во Лос Анџелес во мај објави дека соработува со федералните власти во истрагата за изворот на кетаминот што Пери го консумирал.

Пери (54) беше пронајден со лицето надолу во загреаниот крај од неговиот базен во неговиот дом кон крајот на октомври 2023 година. Канцеларијата на медицинскиот преглед во округот Лос Анџелес ја припиша неговата смрт на акутните ефекти на кетаминот по обдукцијата во декември.

Актерот се лекуваше со кетамин за депресија и анксиозност, но неговата последна сесија беше повеќе од една недела пред неговата смрт, а патолог рече дека кетаминот во системот на Пери „не може да биде од таа инфузија“.

-Нивоата на кетамин во неговото тело беа високи, еднакво на количината што се користеше за општа анестезија за време на операцијата, рече патологот.

Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во „Пријатели“, јавно зборуваше за неговата долготрајна борба со зависноста од опијати и алкохол.

- Реклама -