(ФОТО) Борел на средба со лидерите на Западен Балкан: Членството во ЕУ е на дофат

Под услов, додал високиот претставник на ЕУ, исполнување на клучните реформи. Во оваа смисла Борел порачал оти Западен Балкан е составен дел од иднината на Европа и истакнал оти проширувањето останува главен приоритет на Унијата

Членството во Европската Унија е на дофат – им порачал високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на лидерите од Западен Балкан на неформалната средба во Њујорк, на која присуствувала и претседателката на С Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Под услов, додал Борел, исполнување на клучните реформи.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, со лидерите од Западен Балкан / Фото: Икс-профил на Жозеп Борел

Во оваа смисла Борел порачал оти Западен Балкан е составен дел од иднината на Европа, нагласувајќи ја силата на врските меѓу земјите од регионот и Европската Унија. Истакнал оти проширувањето останува главен приоритет на Унијата и ја реафирмирал поддршката на ЕУ за земјите од Западен Балкан на нивниот европски пат.

На средбата била истакната и потребата за решавање на постоечките билатерални спорови.

„Високиот претставник Борел ја подвлече важноста на добрососедските односи постигнати преку дијалог и компромис како суштински чекори кон интеграцијата во ЕУ, а оти лидерите мора да преземат храбри, стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации“,

се наведува во соопштението на официјалната веб-страница на ЕУ.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, со лидерите од Западен Балкан / Фото: Икс-профил на Жозеп Борел

Во фокус на разговорите биле и геополитичките предизвици, особено штетното влијание на руската агресија врз Украина и напорите на Кина да го прошири своето економско влијание. Во оваа смисла, Борел и лидерите на Западен Балкан разговарале за важноста од зајакнувањето на отпорноста, нагласувајќи ја потребата од стратегиско усогласување со ЕУ за заштита на регионалната стабилност.

На средбата, која се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, присутни беа претседателката на С Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, и вицепремиерот за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

- Реклама -