ВМРО-ДПМНЕ бара сите пратеници да го поддржат Предлог законот кој ќе овозможи линеарно покачување на пензиите

ВМРО-ДПМНЕ апелира сите пратеници и пратенички групи во Собранието да го поддржат Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој, како што велат ќе се овозможи линеарно зголемување на пензиите на сите пензионери за 2.500 денари линеарно, почнувајќи од септемвриската пензија.

-Апелираме за соработка од сите пратенички групи кога се работи за доброто на нашите граѓани. Ги повикуваме сите пратеници за поддршка и веднаш уште денеска во согласност со Собранискиот деловник да се закаже Комисијата за социјална политика, демографија и млади.Со овој закон ќе се оствари право на повисока пензија на 300.000 наши пензионери. 300.000 пензионери добиваат повисоки пензии, подобар животен стандард и подобри услови за живот. Ова е само почеток на она што го ветивме, рече на денешната прес-конференција Бојан Стојановски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Според него, дополнително покрај ова покачување, во месец март ќе има зголемување од уште 2.500 денари линеарно за сите пензионери.

-Тоа значи реализација на едно од клучните ветувања во предизборниот период на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија” за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. Како ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе продолжиме да се бориме за нашите граѓани да имаат подобри услови за живот. Животниот стандард на нашите сограѓани е еден од врвните приоритети на ова парламентарно мнозинство, рече Стојановски.

Тој додаде дека како партија упатуваат апел до сите пратеници и пратенички групи уште денеска да го изгласаат овој Закон и да се излезе во пресрет на 300.000 пензионери во Република Македонија. 

- Реклама -