МВР: Лишени од слобода деветмина дрвокрадци, поднесена кривична пријава

СВР Охрид до ОЈО Кичево поднесе кривична пријава против девет лица по член 235 став 3 од Кривичниот законик поради основано сомнение за сторено кривично дело „кражба”, а против две од овие лица е поднесена и кривична пријава по чл.382 „спречување службено лице во вршење на службено дејствие”. Сите девет лица се лишени од слобода и со кривичната пријава се предадени во ОЈО Кичево за понатамошна постапка, информираат од Министерството за внатрешни работи.

– Во координирана акција на Одделот за криминалистичка полиција, СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции-Единица за брзо распоредување, вчера на територија на општина Кичево во место викано „Кутуров дол“ затекнати се лица во незаконска сеча и дотур на дрва за огрев во шумски предел, и покрај активната забрана за движење во шума. Лицата биле без соодветни дозволи и документација за сеча, дотур и превоз на огревни дрва. Од лицата се одземени мобилните телефони и предмети за кои се претпоставува дека ги користеле за извршување на кривичното дело, како и товарно моторно возило „ман” и џип „опел фронтера”, двете со кичевски регистарски ознаки, се вели во соопштението од МВР.

Од МВР, исто така, информираат дека во месноста викана „Мала река’’ лишени од слобода се три лица и одземени се два трактора со приколки и едно возило „цитроен џампер“, како и моторна пила и повеќе канистри за бензин.

- Реклама -