Фестивалот на комедијата „Гола месечина“ по 11. пат ќе се одржи во Општина Аеродром од 10. до 14. септември, а овојпат театарските завеси пред публиката ќе бидат кренати во паркот „Авионче“.
Годинешното издание на фестивалот е во духот на стенд-ап настапите на познати актери и комичари кои се веќе докажани и препознатливи уметници кај љубителите на театарската уметност, како и на добрата смеа и забава кои традиционално се препознатлив знак за „Гола месечина“.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 10. септември, вторник, кога ќе настапат Антонио Ташковски и Никола Тодоровски.
На 11. септември, среда, публиката ќе ужива со настапот на „Импров група“ и неверојатните Наталија Теодосиева, Тони Денковски, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, а водител на вечерта ќе биде Борјан Стојков.
Потоа, на 12. септември, четврток за добра забава на публиката ќе се погрижат Мирослав Петковиќ, Чедомир Митевски, Марио Поповиќ и Мишо Димитриевски од „Кабаре Кабает“.
Во петок, 13. септември свој стенд-ап настап ќе имаат Бојан Велевски и Бојан Кирковски, а на 14. септември фестивалот ќе го затворат познатите Мишо Бабиќ од Србија и Марјан Ѓорѓиевски.
Настапите започнуваат во 20:00 часот, а влезот е бесплатен и неограничен за сите граѓани.
Општина Аеродром и НУ „Театар комедија“ ве покануваат на уште едно незаборавно дружење и меѓусебно ширење на позитивна енергија.