Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски денеска ги повика земјите-членки на НАТО да ги соборат руските ракети кои би можеле да навлезат на нивна територија додека сè уште се во Украина.
– Членството во НАТО не ги ослободува членките од обврската да го заштитат својот воздушен простор, тоа е наша уставна обврска, јас лично мислам дека би била оправдана самоодбрана доколку ракетите одат во правец на нашиот воздушен простор, бидејќи кога ќе ја преминат границата, постои голем ризик некој да биде повреден од парчињата од ракетата, изјави Шикорски во интервју за британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Иако таргетирањето на руските цели во воздушниот простор на Украина се заканува да го вовлече НАТО во војна со Русија, предлогот беше изнесен од украинските власти пред извесен период, но полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш веќе неколку пати го отфрли.
Полјаците поддржуваат соборување на руски ракети или неидентификувани објекти како што се беспилотни летала, но само ако тие навлезат на полска територија, иако премиерот Доналд Туск исто така ја пофали армијата што е воздржана и не безумно соборува сè што лета над Полска.
Според анкетата на полскиот весник „Жецзпосполита“ 58 отсто од Полјаците изјавиле дека полската противвоздушна одбрана треба да соборува авиони и проектили кои би навлегле во воздушниот простор на Полска за време на руските напади врз цели во Украина, дури и кога армијата не е сигурна дали објектот е цивилен.
Спротивно на тоа, полскиот премиер Туск ја пофали минатонеделната воздржаноста на армијата да не го собори дронот што од Украина навлезе 25 километри во територијата на Полска, бидејќи временските услови не дозволуваат сигурна идентификација.
Беспилотното летало уште во Украина го следеа три полски радари, но потоа исчезна, а армијата и територијалната одбрана оттогаш безуспешно го бараат.