Русија ја обвини Украина за „нуклеарен тероризам“

Русија денеска ја обвини Украина дека пред три дена се обидела да ја нападне нуклеарната централа Курск, истакнувајќи оти тоа е чин на „нуклеарен тероризам“.

Во меѓувреме руските медиуми објавија дека во близина на складиштето на потрошено нуклеарно гориво било соборено беспилотно летало, по што портпаролката на руското Министерство Марија Захарова изјави дека станува збор за „чин на нуклеарен тероризам“ кој бара итна реакција од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси следната недела ќе ја посети нуклеарната централа во Курск.

Тој упати апел за максимална воздржаност со цел да се избегне нуклеарен инцидент.

Нуклеарната централа Курск се состои од четири советски реактори RBMK-1000, од кои два се во функција. Изградбата на два нови реактори започна во 2018 година.

Прочитајте и:  Руски борбени авиони, НАТО системи, американски хотели... Специјалните барања на Путин ја одложуваат неговата посета на Турција

На 6 август украинската армија навлезе во руската област Курск. Оттогаш на 30 километри од нуклеарната централа се водат жестоки борби. Руските сили се обидуваат да ги потиснат украинските војници од нивната територија, кои се обидуваат да ја консолидираат ситуацијата на терен и да ја прошират окупираната територија.

- Реклама -