Банката „Кредито Емилијано“ стана светски позната откако медиумите ја пренесоа веста дека жителите на Италија може да подигнат кредит, а како гаранција да остават ролни млад пармезан.Прашањето кое многумина ги мачи е зошто кашкавал во банка? Одговорот лежи во неговата вредност: се проценува дека ролните млад пармезан вредат најмалку 132 милиони евра. А како се нашол, тоа е приказна сама по себе. – Пармезанот се користи како финансиски инструмент уште од средниот век. Секоја ролна содржи еквивалент на 550 литри млеко, а поради тоа што сирењето старее со години, на производителите им треба дополнително финансирање за да можат да продолжат да го произведуваат – објаснува Лео Берточи, претседател на Здружението на производители на сирење. Така настанала идејата да се користат ролни пармезан како залог, при што банката сноси целосна одговорност за неговото чување и ги контролира условите во кои старее. Статистиката покажува дека дури 80 отсто од кредитите производителите ги враќаат со сирење, додека само мал дел од каматата се плаќа во готово. Во исто време, банката секогаш може да продава сирење ако ѝ требаат пари, така што сите добиваат. Откако кредитирањето на производителите со помош на пармезанот се покажа како многу профитабилно и добро за сите, банката почна да размислува за друг вид финансирање. Идејата беше на сличен начин да им се позајмат пари на производителите на пршута и маслиново масло, кои се исто така препознатливи специјалитети од овој регион. Сепак, се покажа дека ризикот за банката е многу поголем. Причината е што секој пармезан е означен со посебен сериски број, па може лесно да се следи, дури и ако некој ограби банка и го украде сирењето. Дополнително, од средината на минатата година здружението за производство на пармезан ги заостри мерките за обележување, а сега на нив е додаден и микрочип. Тоа не би било случај со пршутата и маслиновото масло, што секако би им дало „ветер во грб“ на крадците за нивните активности. Извор: Forbes
Извор