Мицкоски за недовршените градби од Скопје 2014: Недовршените објекти го грдат лицето на главниот град, но јас сум љубител на модерниот стил

Недовршените објекти од проектот Скопје 2014 го грдат лицето на главниот град и би сакал поскоро да бидат завршени, но јас сум љубител на модерниот стил, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање каков е планот на Владата за недовршените објекти од 2014, со оглед дека со ребалансот не се предвидени пари за завршување на тие згради годинава.

-Навистина тоа е прашање кое што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега незавршена и недовршена и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста којшто му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти коишто вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени, рече Мицкоски при посетата на Царинската управа.

Тој истакна дека пари не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, бидејќи, како што рече, дел од тие објекти се и приватни инвестиции.

-Сега не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме да тоа се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме навистина. Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број на туристи оваа година, во некои од државите и до 20-25 проценти, рече премиерот.

Најави специјална политика со туризмот.

-Многу скоро од денеска еден нов пристап ќе објавиме во месец септември, потоа очекуваме сето тоа да почне да функционира со неколку чартери на ден од март, бидејќи многу е важно да имаме јасна промоција на туристичките капацитети коишто ги нудиме како држава и за да тоа биде комплетно, да биде убаво ние мораме ова што е останато незавршено да го завршиме. Откако ќе ја завршиме таа анализа бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година тоа што е работа на државата ќе биде завршено. Дали ќе го напуштиме тоа треба да кажат стручните лица архитектите. Ќе повторам, доколку е тоа возможно јас сум љубител на модерниот стил, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Во однос на прашањето за градоначалниците во Скопје, и за одземањето на ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во делот на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и Зеленило“, кажа дека има многу проблеми во процесот на управување со администрацијата во Градот Скопје.

-Градоначалниците се собраа, дискутираа… Навистина не можам ништо друго да кажам, освен тоа дека ние сме како Влада подготвени да ги решаваме сите проблеми што се реалност и граѓаните не очекуваат како да кажам префрлање на вината – не сте вие виновни, тие се виновни. Во ред, ние видовме тие не чинеа, на 8 мај имаше избори, граѓаните си го дадоа својот суд и гласаа за оваа коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ние сакаме тоа да го решаваме. Тоа што најголемиот дел од градоначалниците во Градот Скопје и општините во градот Скопје се од ВМРО-ДПМНЕ е една причина повеќе, тие излегоа, побараа, ние дадовме разумен рок градот конечно да се зафати со чистење, гледаме како градот се гуши во ѓубре, како имаме расипани автобуси на секој чекор, како 17 пати се менуваат директори по јавни претпријатија итн., улиците и булеварите се со дупки не се реконструираат, не се прави ништо, ние мора да преземеме нешто бидејќи тие граѓани нас ни ја дале довербата и ние тоа мора да го оправдаме. Затоа во разумен рок очекувам градот конечно да почне да си ја работи работата. И ова нема никаква врска со политичките недоразбирања што ги имавме со градоначалничката Данела Арсовска што еве после толку време јавноста може да види дека сите оние наши тврдења за коишто сме збореле се вистинити, рече Мицкоски.

Изрази жалење што претходната влада ја толерирала оваа „акутна неспособност“. – Веќе размислуваме како Влада да отпочнеме процес, но ајде еве да не бидеме осудени од јавноста дека ние сега еве станавме Влада па ајде сега ќе преземаме или ќе ги одземаме ингеренциите. Затоа велиме, еве имате разумен рок, ве молиме решете ги работите, рече Мицкоски.

Скопските градоначалници вчера едногласно побараа Владата да ги одземе ингеренциите на град Скопје за комуналините претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Бараат назначување на владин повереник и трансформација на претпријатија со која надлежностите ќе им бидат поделени на општините, механизацијата и човечките ресурси да се поделат, па секоја од општините сама да си чисти. Очекуваат на идната владина седница ова прашање да биде разгледано.

- Реклама -