Родри и Мората казнети со еден натпревар неиграње за репрезентацијата


Репрезентативците на Шпанија, Алваро Мората и Родри се казнети со еден натпревар поради нивното однесување на прославата на титулата европски шампион во Мадрид минатиот месец, соопшти во средата управното тело на европскиот фудбал УЕФА.

Играчите ја пееја „Гибралтар е шпански“ на 15 јули, ден по нивната победа од 2:1 над Англија во финалето на Европското првенство, за време на јавната прослава во шпанската престолнина.

УЕФА соопшти дека одлуката за казната е донесена поради непочитување на општите принципи на однесување, прекршување на основните правила на пристојно однесување, користење на спортски настани за манифестации од неспортски карактер и доведување на фудбалот како спорт во омаловажување.

Забраната ќе го опфати следниот меѓународен натпревар на УЕФА за кој играчите инаку би имале право да играат.

Гибралтар е прекуокеанска територија на Обединетото Кралство со 33.000 жители на југот на Шпанија, за која Лондон и Мадрид се расправаат со децении. Шпанија никогаш не престана да бара суверенитет над Гибралтар, но во 1967 година тамошните жители на референдум гласаа да останат под власта на Обединетото Кралство.

Две години подоцна Гибралтар доби нов устав и поголема автономија. Во 1991 и 1997 година, Шпанија ѝ предложи на Велика Британија заеднички суверенитет за Гибралтар, но овој предлог беше одбиен.

- Реклама -