Французите преку Канаѓаните, Американците без напор со Бразил за полуфиналето на Олимпијадата


Француските кошаркари ја изненадија Канада, која во четвртфиналето на Олимписките игри ја совладаа со 82:73 (23:10, 22:19, 16:21, 21:23) и со тоа се пласираа во полуфиналето против светскиот шампион Германија.

Прв француски стрелец беше Гершон Јабуселе со 22 поени, а додаде и пет скока. Исаја Кординие додаде 20 поени, Еван Фурние 15, додека Виктор Вембањама имаше седум поени, 10 скока и пет асистенции.

Кај Канаѓаните само двајца играчи постигнаа двоцифрен број поени. Шаи Гилгџус-Александер постигна 27 поени со пет скока и четири асистенции, додека РиЏеј Барет постигна 16 поени.

Од 7:5 на почетокот на натпреварот Франција брзо се одлепи на 19:5 и продолжи да ја зголемува предноста до почетокот на вториот дел. Канада постигна само пет коша од поле во воведните 15 минути. Во продолжението Канаѓаните се претставија подобро, но единствено што успеаја да направат е серија од 5:0 на стартот од последната четвртина за да стигнат до 55:61. Потоа Франција уште еднаш поведе двоцифрено и со тоа го реши дуелот.

Во полуфиналето Франција ќе игра против Германија која ја совлада Грција со 76:63 (11:21, 25:15, 23:16, 17:11). Франц Вагнер беше најдобар стрелец кај победничката екипа со 18 поени. Шрудер постигна 13 поени и седум асистенции. Јанис Адетокумбо ги предводеше Грците со 22 коша.

Франција и Германија претходно играа во група на ОИ, а Германците победија со убедливи 85:71.

Кошаркарите на САД лесно стигнаа до полуфиналето на Олимписките игри, во четвртфиналниот натпревар САД го совладаа Бразил со 122:87 (33:21, 30: 15, 31:35, 28:16).

Прв стрелец кај победничката екипа беше Девин Букер со 18 поени. Ентони Едвардс постигна 17 поени со пет скока, Џоел Ембиид 14 со седум скока, додека Леброн Џејмс заврши со 12 поени, три скока и девет асистенции.

Најдобар во редовите на Бразил беше Бруно Кабокло кој постигна 30 поени со шест скока. Жоржињо де Паула додаде 15 со осум скока.

Бразилците солидно се справуваа со својот фаворизиран противник во поголемиот дел од првото полувреме. Но паднаа неколку минути пред паузата кога Американците тргнаа во серија од 15:0 за да побегнат на големи плус 27 пред почетокот на вториот дел. Во продолжение се играше необврзно и сѐ заврши со 35 поени разлика за американските НБА ѕвезди.

Пред САД е полуфинален натпревар против Србија, која Американците лесно ја совладаа во групната фаза. Тогаш беше 110:84 за Американците. Србија се пласираше во полуфиналето откако надомести негатива од 24 коша и по продолжението против Австралија со победата од 95:90, 82:82 (17:31, 25:23, 25:11, 15:17, 13:8).

- Реклама -