Венеција од четврток го ограничува бројот лица во туристичките групи на максимум 25


Венецијанските власти планираат од четврток да го ограничат бројот на лица во туристичките групи на максимум 25, во најновиот обид да го намалат влијанието на метежите врз начинот на живот во градот во лагуната.

Локалните власти ќе забранат и користење преносни звучници од туристичките водичи со цел „да се гарантира мирот на жителите на градот“ и да се овозможи послободно движење на пешаците.

Казни од 25 до 500 евра ќе бидат воведени за сите оние кои нема да ги почитуваат новите мерки кои првично требаше да стапат на сила на почетокот на јуни, а беа одложени за почетокот на август.

Најновите ограничувања ќе важат за центарот на Венеција и островите Мурано, Бурано и Торчело.

Во април, Венеција стана првиот град во светот кој воведе специјален систем за плаќање за влез во центарот на градот за надворешни посетители, како дел од експериментот чија цел е да ги одврати дневните патници да доаѓаат таму во време на туристичкиот шпиц.

Пилот-програмата, чија реализација будно ја следат и другите европски туристички дестинации, траеше само 29 дена. Заврши во јули, но го отвори патот за период на консултации по што ќе се одлучи како овој проект да продолжи во иднина.

Треба да се напомене дека во случај на туристички групи постојат бројни исклучоци од правилото. На пример: децата под две години не се бројат, а ограничувањата не важат за учениците и студентите кои пристигнуваат во Венеција на едукативна посета или се на студиско патување.

- Реклама -