Бектеши ја оценува кривичната пријава како политичко заплашување, ја објави пораката што ја испратил

Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши против кого СВР Охрид покрена кривична пријава за „попречување на правдата“ реагираше преку објава на „Фејсбук“ во која ја објави и пораката што му ја испратил на полицискиот началник.

– Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе, стои во пораката.

Кривичната пријава против него ја оценува како политичко прогонство и заплашување.

– Политичко прогонство, целта на заплашувањето нема да ви помине! На 7 мај, како координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5, од Штабот на Европскиот фронт во Охрид добив информација дека на денот на изборниот молк, претседателот и членовите на Штабот биле контролирани од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес од страна на СВР-Охрид, наведува Бектеши во објавата.

Според Бектеши, целта за ваквиот потег, како што вели, е одмазда за поразот што граѓаните и го направиле на власта на 8 мај.

– Како Крешник Бектеши, секогаш ќе се грижам за граѓаните кои се во постојан обид за заплашување, како што се моите сонародници во Охрид, Ресен, Крушево, Долнен итн. И во тоа, ништо освен Бог не може да ме спречи, вели Бектеши.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Добро е што Бектеши призна дека правел притисок, ЈО и судството да постапат

Претходно реагираше и Демократската унија за интеграција која ваквите обвинувања против Бектеши ги оквалификува како неосновани.

– Демократската унија за интеграција ги осудува политички мотивираниот „лов на вештерки“ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за „попречување на правдата“ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со бројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети, стои во реакцијата од ДУИ.

Во МВР билтенот од 25 јули беше наведено дека СВР Охрид има поднесено кривична пријава против 39-годишен жител на Кичево за кривично дело „попречување на правдата“. Во Билтенот се наведени иницијалите, а дел од медиумите објавија дека се работи за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.

- Реклама -