УЕФА покрена постапка против Мората и Родри


Европската фудбалска организација (УЕФА) покрена дисциплинска постапка и истрага против шпанските фудбалски репрезентативци Алваро Мората и Родри.

Мората, капитенот на шпанската репрезентација која ја освои титулата победник на Европското првенство и најдобриот играч на првенството Родри се обвинети за недолично однесување во Мадрид, на прославата на шампионската титула. Шпанското дуо во екстаза и славење пееше „Гибралтар е шпански“, поради што Фудбалскиот сојуз на Гибралтар поднесе официјална жалба до УЕФА.

УЕФА назначи дисциплински инспектор да процени дали и колку Мората и Родри ги прекршиле правилата, додека двајцата, како и Шпанската фудбалска федерација, имаат рок од две седмици да поднесат жалба и потенцијално да избегнат казна.

Официјално, Мората и Родри се обвинети за кршење на стандардите за пристојно однесување, дискредитација на фудбалот како спорт и користење на спортски настани за неспортски дејствија.

Гибралтар е прекуокеанска територија на Обединетото Кралство со 33.000 жители на југот на Шпанија, за која Лондон и Мадрид се расправаат со децении. Шпанија никогаш не престана да бара суверенитет над Гибралтар, но во 1967 година тамошните жители на референдум гласаа да останат под власта на Обединетото Кралство.

Две години подоцна Гибралтар доби нов устав и поголема автономија. Во 1991 и 1997 година, Шпанија ѝ предложи на Велика Британија заеднички суверенитет за Гибралтар, но овој предлог беше одбиен.

- Реклама -