Снуп Дог, Летиција Каста и Сергеј Бубка во петок ќе го носат олимпискиот факел


Американскиот рапер, актер и музички продуцент Снуп Дог ќе биде меѓу носителите на олимпискиот факел во петок, последниот ден од штафетата пред вечерното отворање на Олимписките игри во Париз.

Нему ќе му се придружат француската актерка Летиција Каста, францускиот рапер ЕмСи Солаар, како и поранешниот украински скокач со стап и повеќекратен рекордер Сергеј Бубка.

Снуп Дог ќе биде меѓу последните носители на олимпискиот факел, носејќи го низ улиците на Сен Дени, етнички шаренолико северно предградие на Париз, каде се наоѓаат Олимпискиот стадион и Центарот за водни спортови.

Олимпискиот факел два месеца патуваше низ Франција, а во петок наутро ќе мине и низ Олимпиското село кое се наоѓа меѓу Сен Дени и соседниот Сен Оуен.

„Да славиме, да ги направиме овие игри незаборавни, да оставиме на најдобрите да засјае златото“, изјави 52-годишниот уметник кој американскиот канал NBC го ангажираше како еден од коментаторите на Олимписките игри во Париз.

„Пораснав гледајќи ги Олимписките игри и многу сум возбуден што ги гледам овие неверојатни спортисти како најдобро функционираат во Париз“, рече раперот во изјавата за NBC .

„Ќе имаме некои луди настани, и секако дека ќе го внесам тој стил на Снуп во комбинација: тоа ќе бидат најепските игри“, изјави тој за веб-страницата на NBC.

- Реклама -