ФИФА ја одложи одлуката за суспензија на Израел


Кровната Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ја одложи одлуката по палестинското барање за суспендирање на Израел од меѓународниот фудбал за по Олимписките игри во Париз. ФИФА објави дека двете страни побарале повеќе време за да ги достават своите ставови.

Во мај, Палестинскиот фудбалски сојуз (PFA) побара од ФИФА да го суспендира Израел поради „геноцидот што го врши во Газа“, а ова барање беше поддржано од Азиската фудбалска конфедерација (AFC).

„По барањето за продолжување од двете страни, кое беше одобрено од ФИФА, потребно е повеќе време за да се заврши овој процес со должно внимание и комплетност“, објави ФИФА на својот X профил, наведувајќи дека правната проценка ќе биде позната до 31 август.

Олимпијадата во Париз ќе се одржи од 26 јули до август, а Израел се пласираше на машкиот фудбалски турнир.

Пред неколку дена, група адвокати од непрофитната организација за социјална правда Eko специјализирани за меѓународно право ја повикаа ФИФА да му забрани на Израел да настапува поради кршење на неколку статути на ФИФА поврзани со човекови права и хуманитарни цели.

„Нема сомнеж дека однесувањето на Израел во Палестина ги поткопува сите цели на ФИФА“, се вели меѓу другото во оценката на адвокатите Макс ду Плесис и Сара Пудифин-Џонс, нарачана од непрофитната организација за социјална правда Еко.

Претседателот на PFA, Џибрил aл-Раџуб изјави дека суспензијата на Израел ќе биде во согласност со претходните одлуки на ФИФА за суспензија или протерување на нејзините членови кои ги прекршиле нејзините цели. Така, Јужна Африка беше суспендирана во 1961 година поради спроведувањето на апартхејдот, на Југославија ѝ беше забрането да се натпреварува во 1992 година поради кршење на санкциите на ОН, а во 2022 година и ФИФА и УЕФА веднаш реагираа со суспензија на Русија и Белорусија поради инвазијата во Украина.

Претходно, PFA побара суспензија на Фудбалскиот сојуз на Израел (IFA) поради кршење на меѓународното право од страна на израелската влада, но и поради дискриминација на арапските играчи. Познато е дека и пред почетокот на војната во Газа, некои израелски клубови одбиваа да ангажираат играчи доколку се Арапи.

- Реклама -