Спонзорство на Новоматик за ФК Вардар вистински пример за општествена одговорност, ќе го следат ли и други?


Пред една недела во јавноста како бомба одекна веста дека ФК Вардар добива генерален спонзор кој ќе ја прекине агонијата со која подолго време се соочува овој славен спортски бренд. Најавите кои доаѓаа од навивачите „Комити“ се остварија. Светски реномираниот австриски бренд во игрите на среќа Новоматик Македонија со финансиска програма од 1 милион евра годишно ги поддржа амбициите на македонската фудбалска гордост ФК Вардар за враќање на старите славни патеки.

ФК Вардар е вистинска гордост на македонскиот спорт и претставува синоним за фудбалската традиција во регионот и пошироко. Основан во далечната 1947, Вардар е симбол за најголемите македонски спортски успеси. Со освоените 11 национални првенства и 5 национални купови Вардар е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб, кој отсекогаш бил расадник на млади таленти кој подоцна доживувале балканска и светска слава. Поддршката за професионалниот спорт значи и сериозен придонес во правилниот развој и воспитување на младите. Младите генерации гледаат свои идоли во професионалните спортисти и вообичаено се идентификуваат со индивидуалните и колективни спортски успеси.

Затоа, нема никакво сомнение дека Новоматик Македонија со одлуката да стане генерален спонзор на овој македонски спортски великан одржа вистинска лекција за тоа како се почитува традицијата и се слушаат потребите на заедницата. Уште повеќе што самите потенцираа дека лојалноста, посветеноста и борбениот дух на верните навивачи „Комити-Запад“ особено ги инспирирале да одлучат да станат генерален спонзор на ФК Вардар.

Новиот генерален спонзор на Вардар на настанот по повод на потпишувањето на договорот истакна дека немаат амбиции да раководат со управата на клубот, освен што ќе номинираат свој претставник кој ќе биде задолжен единствено за вршење надзор на финансиското работење.

Договорот за генерално спонзорство беше потпишан во просториите на Новоматик Македонија, помеѓу директорот Александар Симовиќ и претседателот на клубот, Милорад Миленковски. Управа на ФК Вардар во овој момент е навивачката група „Комити“. Од извори на клубот дознаваме дека во наредниот период се очекува од претходните сопственици на клубот да бидат регулирани доспеаните обврски кон државата и со тоа сметката на ФК Вардар да биде деблокирана.

Настрана од средствата, кои задолжително се слеваат во државниот буџет од приредувачите на игри на среќа за финансиските програми на Агенцијата за млади и спорт, и со оваа многу важна одлука Новоматик Македонија продолжува да го подржува развојот на македонскиот спорт. Оваа групација е спонзор и на ракометниот клуб Вардар, кошаркарскиот клуб МЗТ и фудбалскиот клуб Кожув. Новоматик Македонија со преку 2 илјади вработени веќе 18 години е присутен на домашниот пазар на игри на среќа. Новоматик Македонија со години наназад е сигурен партнер на заедницата и во континуитет подржува различни граѓански иницијативи, проекти и реализира бројни хуманитарни и донаторски активности во најзначајните општествени сфери, јавното здравство, спортот и културата.

„Искрено верувам дека ова наше партнерство ќе донесе нова ера на спортски успеси на Вардар, кои долго ќе се паметат. Ќе бидеме среќни ако оваа наша одлука биде мотив и за други компании да го следат нашиот пример и да дадат свој придонес во развојот на македонскиот спорт, кој е многу важен сегмент за среќна и задоволна нација“, истакна Марија Митревска, како претставник на Новоматик Македонија на церемонијата на потпишување на договорот за генерално спонзорство.

На македонскиот спорт му е неопходна сериозна финансиска поддршка и од особено значење е и други успешни компании во земјава да го следат примерот на Новоматик и да ги помогнат спортските клубови.

- Реклама -