Бајден: Само Бог би ме натерал да се повлечам од претседателската трка

Американскиот претседател Џо Бајден вели, настапот на дебатата против Доналд Трамп на 27 јуни било само „лоша епизода“ бидејќи бил исцрпен во тој период

Претседателот на САД, Џо Бајден, кој се уште е под силен притисок и критика да се повлече од претседателската трка по настапот на дебата со противникот Доналд Трамп, изјави дека никој од него не е поквалификуван да се кандидира и дека само Бог може да го отстрани од претседателската трка.

„Мислам дека нема некој поквалификуван од мене и ќе се повлечам само ако Господ Бог зборува со мене и ми каже да го сторам тоа“,

изјави Бајден во интервју за ABC.

Според него, дебатата против Трамп на 27 јуни било само „лоша епизода“ бидејќи бил исцрпен во тој период.

На прашањето зошто деновите кои ги помина во претседателската резиденција Камп Дејвид не биле доволни за да се подготви за дебатата, Бајден одговори дека причината е тоа што бил болен.

„Се чувствував ужасно. Ги прашав (докторите) дали ме тестираа за коронавирус, бидејќи се обидуваа да откријат што не е во ред. Ми направија тест дали имам инфекција. Имав голема настинка“,

рече Бајден.

Тој додаде дека е свесен за неговиот лош настап во дебатата.

На прашањето дали би бил подготвен да направи независна когнитивна проценка и потоа да ги објави резултатите во јавноста, Бајден одговори дека секој ден прави таков тест.

„Имам тестови секој ден. Не водам само кампања, туку го водам светот. Звучи како хипербола, но ние (САД) сме суштинската нација во светот“,

рече Бајден во најновото интервју за АBC.

- Реклама -