Фудбалерите на Австрија се изненадувачки победници во групата Д на Европското првенство во Германија, победувајќи ја Холандија со 3:2 во Берлин, додека Франција и Полска одиграа 1:1 во Дортмунд во последното трето коло.
Австрија поведе против Холандија со автоголот на Дониел Мален во 6. минута. Коди Гакпо израмни во 47. минута, а Романо Шмид ја врати Австрија во водство во 59. минута. Мемфис Депај израмни во 75. минута, а Марсел Сабицер во 80. минута ги постави конечните 3:2 за Австрија.
Франција поведе против Полска во 56. минута, кога Килијан Мбапе реализираше гол од пенал. На истиот начин возвратија Полјаците во 79. минута, а Роберт Левандовски беше стрелец од повторениот удар од белата точка.
Австрија го освои првото место со шест бода, Франција е втора со пет а Холандија трета со четири бода. Полска го зазеде последното место со еден бод.
Австрија во осминафиналето ќе игра со второпласираната селекција од групата Ф, додека Французите со второпласираната од групата Е.