Илир Мета му честиташе на Мицкоски: Целосно сум убеден дека ќе бидете пример за инспирација

Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, му честиташе на Христијан Мицкоски за функцијата премиер и изборот на владата искажувајќи целосна убеденост дека ќе „биде пример за инспирација“.

Во објава на „Фејсбук“, Мета напиша дека верува дека со својата програма оваа влада ќе биде инспиративен пример за привлекување странски инвестиции и зголемување на извозот, во интерес на сите граѓани и економскиот развој на Северна Македонија.

– Многу успеси за Владата на премиерот Христијан Мицкоски изгласана синоќа од Собранието на Северна Македонија! Целосна убеденост дека со својата одлична економска програма ќе биде инспиративен пример за привлекување странски инвестиции и зголемување на извозот, во интерес на сите граѓани и економскиот развој на Северна Македонија, напиша Мета.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Посебни честитки, стои понатаму, до шесте албански претставници во Владата кои „верувам дека ќе дадат се од себе за достоинствено претставување на Албанците и остварување на нивните права низ духот на соработката“.

Мета и претходно искажа поддршка за ВМРО ДПМНЕ и лидерот Мицкоски, му ја честиташе победата на изборите порачувајќи дека е „оптимист за иднината на Македонија, која ја чекаат многу подобри денови“.

- Реклама -