Мултимедијална изложба AeternaNova во Мала Станица

На 17 јуни во Националната галерија Мала Станица со почеток во 20 часот, Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС Скопје ја организира мултимедијалната изложба насловена AeternaNova. На изложбата ќе бидат изложени етнографски фотографии, народни носии, краток филм и фотографии од лица кои се лидери во своите професии, облечени во народни носии.

AeternaNova (кованица од латинските термини “вечна” и “нова”) презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19от и почетокот на 20от век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.

Црпејќи инспирација од Camera Lucida на Роланд Бартс, оваа изложба се служи со неговите концепти наречени studium и punctum за да ја артикулира дуалната природа на фотографската интерпретација. Конкретно, во ова видување, studium-от реферира на историското и културното значење на народните носии, односно модни избори направени од локалното население кои евоцираат културни и општествени норми. Меѓутоа, со претставување на овие костими како насловни страници на модни списанија, изложбата воведува punctum, односно современа реинтерпретација која ги повикува гледачите да ги согледаат овие артефакти надвор од нивниот конвенционален контекст. Овој пристап не само што ја демистифицира поврзаноста на народните носии со патриотизмот, национализмот и патријархалното угнетување, туку ги претставува како симболи на индивидуална и заедничка креативност наместо артефакти од минатото.

Прочитајте и:  Мултимедијлниот настан „Уметност и музика” во уметничката галерија на Градскиот музеј од Крива Паланка

Потенцирајќи ја сложената изработка на самоуките креатори на овие костими, изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време. Оваа способност на фотографијата да ја долови и реконтекстуализира историјата е особено релевантна бидејќи ваквата реконтекстуализација ја предизвикува перцепцијата за овие облеки како застарени и ирелевантни. Наместо тоа, Aeterna Nova ги позиционира како динамични елементи на современото културно изразување, истакнувајќи ја нивната естетска вредност и вештината вклучена во нивното создавање.

Проектниот тим го сочинуваат Филип Петковски, куратор и режисер, Марко Марјановиќ, фотограф, Жарко Чулиќ, фотограф и Ивана Мојсовска Головска, постпродукција на фотографија.

Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл “Студио Фолклор” и Фолклорно студио “Етнос”.

Проектот е финансиран од Министерството за култура.

Модели на фотографиите се Еџе Али,Билјана Велимировиќ, Дина Дума, Лука Ѓоргиевски, Катарина Ивановска, Дина Јашари, Венера Крлиу, Емра Куртишова, Марко Марјановиќ, Мими Поп Алексова, Зарина Првасевда, Симона Спировска, Наталија Теодосиева, Мартин Томовски и Камка Тоциновски.

- Реклама -