Израел тврди дека погодил база на Хамас „скриена“ во училиште на УНРВА, најмалку 27 загинати

Израелските одбранбени сили денеска соопштија дека нападнале комплекс на палестинската милитантна група Хамас „скриен во училиште на УНРВА“ во центарот на Појасот Газа.

Како што пренесе ДПА, ИДФ соопшти дека авионите на израелските воздухопловни сили „извршиле прецизен удар“ врз комплексот во областа на бегалскиот камп Нусејрат.

Според извештаите на палестинските медиуми, во воздушниот напад загинале 27 лица.

„Терористите на Хамас и Исламски џихад кои припаѓаа на силите Нукба и учествуваа во убиствениот напад врз заедниците во јужен Израел на 7-ми октомври дејствуваа во комплексот“, соопшти ИДФ на Телеграм. Нукба е специјална единица во военото крило на Хамас.

– Терористите организираа терор од областа на училиштето додека го експлоатираа и го користеа како засолниште, тврди ИДФ и додава дека „во нападот биле елиминирани неколку терористи кои се подготвувале да извршат напади“.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

ИДФ нагласи дека биле „преземени голем број чекори за да се намали ризикот од повредување на неинволвирани цивили“ пред нападот.

ДПА потенцира дека тврдењата не можат независно да се потврдат.

Израелската армија во вторникот соопшти дека употребила дронови за да нападне училиште на Агенцијата на ОН за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во блискиот ал-Буреиџ во текот на ноќта, велејќи дека милитантите на Хамас од таму планирале бројни напади против израелски цивили и војници.

- Реклама -