Нетанјаху: Подготвени сме за многу силна акција на север, на овој или оној начин ќе ја вратиме безбедноста на границата со Либан

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денеска дека Израел е подготвен за силна акција на северната граница со Либан.

– Кој мисли дека може да нè повреди и дека ќе седиме со скрстени раце, прави голема грешка. Подготвени сме за многу силна акција на север. На овој или оној начин, ќе ја вратиме безбедноста таму, рече Нетанјаху на северот на Израел, крај таканаречената сина линија која го разделува Либан од Израел од 2000 година.

– Земјата гореше вчера и среќен сум што успеавте да го изгаснете огнот, но земјата исто така гореше и во Либан, потенцираше премиерот на Израел.

На почетокот на оваа недела, израелската војска и итните служби гаснеа големи пожари предизвикани од ракети истрелани од југот на Либан кон Израел. Борбите меѓу израелската војска и либанскиот проирански Хезболах ескалираа во последните денови.

Прочитајте и:  Трамп повика на брз прекин на војната на Израел со Хамас

Израелските војници речиси секојдневно разменуваат оган со припадниците на Хезболах и други антиизраелски сили од почетокот на војната на југот во Појасот Газа против палестинскиот Хамас.

Во прекуграничните судири загинаа 400 луѓе во Либан, главно борци, но и 70 цивили. Во Израел, загинаа 15 војници и десет цивили.

Началникот на Генералштабот на Израел Херци Халеви вчера посочи дека Израел е подготвен за офанзива долж северната граница со Либан и дека набрзо ќе биде донесена одлука во овој контекст.

Хезболах претходно соопшти дека не тежи кон поширок конфликт, но дека е подготвен за секоја војна што ќе му биде наметната. Заменик лидерот на оваа шиитска организација, шеик Наим Касем, изјави за ТВ Ал Џeзира дека либанскиот фронт нема да запре додека не заврши војната во Газа.

- Реклама -