Јубилеј со кој се слави културата, уметноста, пријателството и новите проекти

Францускиот институт во Скопје годинава одбележува  50 години од своето основање. Со импресивна, атрактивна и разновидна програма под мотото „извонредност и иновација“, започна прославата на културата, уметноста и на пријателството кое ги поврзува двете земји. Со настапот на француската театарска група „Кафиг“ и изведбата на претставата „Мозаик“ на светски познатиот кореограф Мурад Мерзуки во МНТ, беше отворена програмата која ќе заврши на 28 јуни со уличен театар низ улицата „Македонија“.

– Францускиот институт  веќе  50 години работи на полето на размената на уметниците, интелектуалците, на размената на знаењето и пред се на тоа да се открие Франција и да се засака нејзината култура тука. Нашата улога е исто така да се даде поддршка на оваа земја, најмногу со носење експертиза преку нашите проекти за соработка, на пример на полето на културното наследство. Исто  така да се даде поддршка на положбата на францускиот јазик во македонскиот јавен образовен систем. Имаше многу убави моменти во изминатите 50- тина години. Имавме големи концерти, изложби, филмски настани, дебати, средби и имаше размени на искуство, творештво и култура. Имаше толку многу работи што навистина е тешко да се издвојат некои од нив- вели Иго Бештел, директот на Францускиот институт.

Импресивната програма за одбележување на јубилејот ги донесе во Скопје претставата во кореографијата на светски познатиот Мурад Мерзуки, филмот од отварањето на овогодинешниот Кански фестивал, францускиот писател Матиjас Енар и уште неколку интересни настани и проекти.

-Создавајќи ја оваа програма, ние се обидовме да се водиме од едно мото, а тоа е извонредноста и иновацијата и се обидовме да го донесеме најдоброто од Франција. Тоа беше навистина една наша голема амбиција. Од една страна да се резимира се она што може да го направи Францускиот институт, а од друга страна да се даде можност да се откријат нови работи. Оваа годишнина е за нас можност да отпочнеме некои нови проекти. Во текот на следните години и месеци би сакале да го развиеме сето она што е дигитална уметност и тука се разбира има француски уметници и француски компании кои што можат да се носат со предзнакот извонредност и каде што Франција има што да покаже- вели Бештел

Прочитајте и:  Прослава за 50 години на Францускиот институт во Скопје со изложбата „Француските уметници од колекцијата на Остен музејот“

Една од целите е да се продолжи со модернизација на Францускиот институт и неговата програма, со цел да се привлечат што повеќе млади, а потоа и да се продолжи со традицијата да се донесе најдоброто од Франција преку сите форми на уметност, преку сликарството, преку филмот, преку сите други форми на уметност.

– Француската култура е многу разновидна и оди во многу насоки и токму тоа е целта, да  се донесе тука се она што е иновантно, што во во моментов се подготвува во Франција, во тој уметнички свет. На некој начин да се донесе тука со цел да се привлечат младите – вели Бештел.

Францускиот институт е отворен во 1974 година и во минатото бил познат под името Француски културен центар. Како институција отсекогаш имал клучна улога во дефинирањето на културниот, интелектуалниот и едукативниот живот во главниот град, но и пошироко, во Северна Македонија. Институтот е инаку француска јавна институција која делува под капата на француското МНР и има оставено силен печат врз културната размена меѓу двете земји, во поттикнување на соработката меѓу актерите од различни сфери, во  доближувањето на Франција, и на вредностите на Франкофонијата.

.

- Реклама -