Изложба „Македонска мисла“ на Славица Танеска

Во малиот салон на галеријата „Ко-Ра“ во Скопје утревечер 20 часот ќе биде отворена изложбата „Македонска мисла“ на м-р Славица Танеска. Самостојната изложба „Македонска мисла“ на која се претставени 20-ина дела, го афирмира македонскиот јазик и кирилското писмо преку народни поговорки. Во денешното време има многу парчиња облека со написи на неа, но редок е случајот тоа да е со кирилично писмо и на македонски јазик, вели авторката.

-Преку овие дизајни сметам дека ќе го доближам македонскиот јазик до младите, тинејџерите и сите оние кои ги следат модните трендови, со тоа што ќе им се понуди нешто уникатно и ново од страна на дизајнот и презентацијата, а старо и изворно во суштина – народни поговорки – вели авторката.

Танеска во своите проекти во континуитет е посветена на афирмацијата на традицијата, а со овој проект е истата преокупација, но во сферата на дизајнот и применетата уметност со цел за подигање на еколошката свест и со цел за рециклирање на старите материјали.
Танеска дипломирала на УКИМ како првенец на генерација. Во моментов работи како асистент на факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет. Ова и е деветта самостојна изложба, а има учествувано на 55 групни изложби во земјава и странство. Автор е на книгата „Траги на времето – низ 100 селски брсјачки градби во Македонија“. Има објавено 60 епизоди на детскиот стрип „Марсо Марсоски“ во националниот весник „Нова Македонија“ чиј е повеќегодишен соработник. Застапена е во голем број на домашни и странски каталози.

Прочитајте и:  Изложба на фотографии од личната колекција на царското семејство Романови

Досега, преку самостојните и гупните изложби,како и преку авторската книга и серијалот стрипови, има јавно презентирани повеќе од 500 дела. Учесник е на повеќе ликовни колонии и добитник на бројни награди, застапена е во монографии и научни списанија.
Во овој проект Македонските мисли и пораки се аплицирани со идејата дека она што го носиме во нас треба да биде и на нас. Дизајните се со типографија и со елементи на илустрација.
Овој проект е поддржан од Министерството за култура, во рамките на проектот „Цртај на македонски“.

- Реклама -