И покрај многубројните инспиративни приказни за познати личности ширум светот кои се избориле со финансиските тешкотии од детството и успеале во животот, понекогаш се случува и спротивното. Славата во некои случаи се изродува во расипништво и трошење со катастрофални последици, а на тоа не се имуни ниту музичарите, ни филмските ѕвезди. Следат неколку примери.
Николас Кејџ
Пред многу години овој американски глумец важеше за една од најплатените ѕвезди на Холивуд. Сепак, тој трошел голем дел од своето богатство, на пр., на октопод од 150.000 долари, или череп од диносаурус од 276.000 долари којшто на крајот ѝ го врати на Владата на Монголија откако се покажа дека е украден. Во еден миг, „оскаровецот“ од „Напуштајќи го Лас Вегас“ поседувал 15 куќи ширум светот, вклучувајќи и два имоти во Европа. На крајот, тој должел данок од 6,3 милиони долари.
Крис Такер
Иако заработи десетици милиони долари за трите филма под наслов „Гас до крај“ (Rush Hour), во 2021 година, американските даночни власти го обвинија комичарот за 9,6 милиони долари неплатени даноци за годините 2002, 2006, 2008 и 2010 година. Минатата година тој постигна спогодба и се согласи да плати 3,6 милиони долари.
Тони Брекстон
Со песната „Un-Break My Heart“ и други, американската поп-пејачка е една од најпродаваните женски музички изведувачи во историјата. Но, таа двапати поднела барање за стечај, а како причина ја наведе и музичката индустрија. Таа наводно добила само 1.972 долари како хонорар од нејзиниот прв договор, пренесува „АБЦ њуз“.
Таа признава, сепак, и дека била „опседната“ со уредување на својот дом… И оти „во еден миг изгубила допир со реалноста“, како што вели.
Ем-си Хамер
Според „Форбс“, овој музичар во 1990 година на сметката имал 33 милиони долари. Но, трошел многу пари на скапи предмети, вила со два базени, гаража за девет автомобили, четири машини за миење садови, сала за музички проби… Тој банкротирал во 1996 година со долг од 10 милиони долари.
Вили Нелсон
Иако е можеби еден од најуспешните кантри-музичари на сите времиња, и тој се најде во неволји со даночните власти. Во 1990., неговиот имот, заедно со терен за голф и студио за снимање, биле запленети. Пејачот потоа склучи договор со Владата и го сними албумот „The IRS Tapes: Who’ll Buy My Memories“ за да го плати својот долг од 16 милиони долари.
Ким Бесинџер
Во 1989., „оскаровката“ од „Л.А. доверливо“ го купила Бразелтон – населба со 500 жители, за 20 милиони долари. Наводно, таа планирала да го обнови градот и да изгради филмско студио. Сепак, глумицата се повлекла од договор за филм, за што е тужена. Кога ѝ било наложено да плати над осум милиони долари за прекршување на договорот, таа поднела барање за банкрот и подоцна постигна спогодба, но и првиот проект пропаднал.
Стивен Болдвин
Во 2009 година, најмладиот од браќата Болдвин банкротираше. Холивудската ѕвезда тогаш наводно имал и даночен долг од два милиони долари, а во 2013 година се изјасни виновен дека не поднел даночни пријави три години по ред и се согласи да плати 300.000 долари заостанат данок.
Френсис Форд Копола
За режисерот на „Кум“ и „Апокалипса сега“, токму неговата следна голема надеж – филмот „Една од срце“ (One from the Heart) од 1981 година, му донесе огромни загуби. Имено, овој проект со буџетот од 26 милиони долари, заработил едвај нешто над 600.000 долари. Сѐ тоа повлекло три барања за стечај.