Нетанјаху повика Кнесетот да усвои закон кој дозволува затворање на странски медиуми

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го повика Кнесетот на вечерашната седница да го усвои таканаречениот закон „Ал Џезира“, со кој неговата влада ќе добие овластување да затвора странски медиуми.

Во соопштението на партијата Ликуд на Нетанјаху, се наведува дека премиерот разговарал со шефот на партиската пратеничка група Офир Кац и побарал од него да обезбеди усвојување на овој закон во Парламентот, пишува „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху му ветил дека по усвојувањето на законот „веднаш ќе реагира и ќе нареди затворање на Ал Џезира“. Доколку биде усвоен, законот ќе им даде на израелскиот премиер и министерот за комуникации овластување да наредат затворање на странските медиумски мрежи кои работат во Израел и конфискација на нивната опрема доколку се утврди дека претставуваат „опасност за државната безбедност“.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

Предлог-законот во февруари годинава го помина првото читање на пленарната седница на Кнесетот, а по продолжена расправа во собраниската Комисија за национална безбедност беше одобрен за второ и трето читање. Нетанјаху моментално е во болница, откако синоќа му беше оперирана хернија.

- Реклама -