Курти: Србија и натаму одбива да ги признае воените злосторства врз косовските Албанци

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека и 25 години по завршувањето на војната во Косово продолжува да ги негира злосторствата извршени врз Албанците, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, Курти напоменува дека од само пет масовни гробници во Србија се ексхумирани телата на над 950 косовски Албанци, цивили, убиени во војната од 1998-99 година.

– На Србија сè уште и недостига прифаќање на вистината и правдата за злосторствата извршени за време на војната во Косово. Како Влада на Република Косово, ја повторуваме нашата посветеност да не престанеме да бараме расветлување на вистината и правдата за воените злосторства, напиша Курти.

Тој потсети дека на денешен ден пред 25 години, во куќата на семејството Кумнова во Ѓаковица, српските сили киднапираа и убија шест мажи и момчиња цивили.

– На 31 март 1999 година српските вооружени сили насилно влегоа во куќата на семејството Кумнова во Ѓаковица. Оттаму киднапираа шестмина цивилни мажи и момчиња: Албион Кумнова, Артан Ефендија, Гезим Дева, Лутфи Буњаку, Беким Буњаку и Шкелзен Биниши. Откако ги киднапираа, тие ги убија и ги исчезнаа. Србија ги украде нивните трупови, во обид да ги сокрие трагите на злосторството. Во 2011 година нивните тела беа пронајдени во Батајница во периферијата на Белград. Албион не беше меѓу нив. Албион имаше 21 година. Денеска се навршуваат 25 години од неговото исчезнување. Четврт век чекање и потрага по вистината за насилно исчезнатите од Србија, пишува Курти.

Тој порача дека косовската влада е посветена на откривањето на вистината и нема да престане да бара правда за жртвите на воените злосторства извршени од режимот на тогашниот српски лидер, Слбодан Милошевиќ.

– Денеска, на оваа годишнина, одбележувајќи го споменот на синот единец на семејството Кумнова, се сеќаваме на најомилените од многу семејства на нашиот народ кои беа киднапирани и насилно исчезнати од геноцидниот режим на Милошевиќ. Се поклонуваме пред жртвата за нашата слободна држава, напиша Курти.

- Реклама -