Германскиот канцелар Олаф Шолц остро ја критикуваше дебатата во последните недели за германската поддршка за Украина и особено за набавката на крстосувачки ракети Таурус, јави ДПА.
„Дебатата во Германија не е ништо друго освен апсурдна“, изјави денеска канцеларот на конференцијата „Европа 2024“ во Берлин.
„Тоа е срамно за нас како земја. Дискусијата не се разбира надвор од Германија, рече Шолц.
Тој истакна дека Германија е втор најголем снабдувач на оружје за Украина. „Ова прво мора да се признае“, рече тој.
Шолц постојано зборува против испораката на крстосувачки ракети со долг дострел Таурус во Украина, и покрај молбите на Киев, велејќи дека тоа има потенцијал да го ескалира конфликтот и да ја вовлече Германија во војна.
Канцеларот се соочи со остри критики од конзервативниот опозициски блок ЦДУ/ЦСУ, како и од коалициските партнери – „Унија 90/Зелени“ и Слободната демократска партија (ФДП). Дебатите траат повеќе од три недели.