Археолог вели дека ја открил тајната на прецизноста на пирамидите

Со векови пирамидите во Гиза се мистерија за истражувачите, и тоа не само нивните скриени одаи туку и начинот на кој Египќаните ги изградиле овие импресивни структури, без користење модерна технологија. Една од најголемите дилеми е како се совршено подредени структурите.
Големата пирамида во Гиза е речиси совршено подредена на кардиналните точки, север-југ-исток-запад. Ист е случајот и со онаа во Дахшур. Никој не би очекувал таква прецизност од тој период без да се користат дронови, компјутери и модерна технологија. Но, двете пирамиди во Гиза и онаа во Дахшур имаат иста карактеристика, благо се ротирани спротивно од стрелките на часовникот од кардиналните точки. Многумина сметаат дека се користела северната ѕвезда за да се подредат или сенката на Сонцето, но никој не знае точно како се изградени.
Археолог извршил истражување, па тврди дека Египќаните пред 4.500 години можеби ја користеле есенската рамноденица за да постигнат совршено порамнување. Рамноденицата е момент кој се случува двапати годишно кога должината на денот и ноќта се речиси еднакви. Претходно, мерењата на рамноденицата се занемарувале како можен метод за подредување бидејќи се сметало дека нема да обезбедат доволна прецизност. Но, археологот Глен Даш со својата студија покажал дека има можност и ова да е случај со пирамидите.
За да ја потврди теоријата, Даш користел гномон за да создаде сенка на првиот ден од есенската рамноденица во 2016 година. Ја следел сенката во интервали, формирајќи крива на точки. На крајот од денот, со затегнато парче жица завиткано околу столбот, пресретнал две точки од кривата и креирал речиси совршена линија исток-запад. Ова е уште познато како индиски кружен метод. Експериментот го реализирал во Конектикат, САД, но Даш вели дека истото може да функционира и во Египет.
Иако неговата студија покажува дека оваа техника можеби била користена за подредување на пирамидите, сепак нема доволно солидни докази за тоа. За жал, Египќаните оставиле само неколку траги, но меѓу нив нема инженерски документи или архитектонски планови на кои би имало технички објаснувања како е извршена изградбата на пирамидите.

Извор