Го славиме Св. Трифун, заштитник на градинарите и на лозарите

реклама

На 14 февруари се празнува Свети маченик Трифун, заштитник на градинарите и на лозарите.
Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана која што не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна за свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.
реклама
Именден тогаш празнуваат: Трифун, Трајан, Трајанка, Трајко, Трајче….
Роден е во селото Кампсада, во Фригија, од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка се помрдна од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост.
реклама
Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун.
Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога.
реклама
Кога се зацари христоборниот Декиј, свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но, тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О, кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“
Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна, во 250 година.
Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници.
Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) ‒ пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.
Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.
Во скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода, и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да „испрхнува“, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби.
На иконите св. Трифун е претставен или со сорче за режење на лози или со наметка како чувар на гуски.
Обичаите и верувањата поврзани со овој празник упатуваат на заклучок дека во неговата основа лежи некој голем претхристијански празник поврзан со првите пролетни активности, пред сè со обработката на градините и лозјата.
реклама

Извор